среда, 11 јуни 2025

Таравари утре ќе ја поднесе оставката, не се знае одлуката на Фетаи

Арбен Таравари, сѐ уште актуелниот министер за здравство, најави дека утре до премиерот Христијан Мицкоски ќе ја поднесе оставката. Се чека на одлуката на вицепремиерот Арбен Фетаи од партијата на Таравари, кој јавно се спротивстави на одлуката на партискиот лидер да ја напушти владината коалиција. Се очекува и директорите на јавните претпријатија од АА да ги напуштат позициите. На седница на Собранието закажана за во вторник треба да се потврдат оставките на функционерите и директорите од партијата на Таравари.

Објавено на

часот

Сподели

Засега Таравари не потврдува коалицирање со ДУИ и со коалицијата Европски фронт за претстојните локални избори, но големи се шансите дека тоа ќе се случи.

Премиерот Христијан Мицкоски и денеска не кажа дали ќе има само замена на имиња на одредени позиции што припаѓаат на Вреди или ќе има ротација на ресорите во Владата. Синоќа за овие одлуки Мицкоски доби одврзани раце од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Билал Касами од Вреди вели дека ако имаат кадар тие би го задржале ресорот здравство.

За евентуалната размена на ресори, Касами вели дека тоа го кажал само како можност доколку има друга комбинација од Вреди за друг многу важен ресор. „Но, засега нема такви разговори. Министерството за здравство останува на Вреди, позициите што ги имавме остануваат со Вреди, но подготвени сме да разговараме и за нови комбинации“, рече Касами.

Вицепремиерот Изет Меџити најави дека играта штотуку започнала и ќе се игра на теренот на Европскиот фронт.

„Што се однесува до пратениците, мислам дека играта не е завршена. Играта штотуку започна. Ако некој мислеше дека со потегот на г-дин Таравари играта е завршена, тогаш ќе видиме во иднина дека оваа игра ќе продолжи и ќе се игра на теренот на Европскиот фронт“, рече Меџити.

Алијанса за Албанците на Таравари има вицепремиер, министер за здравство, двајца заменици министри, за земјоделство и одбрана. Сепак и овој распоред на силите ќе зависи од тоа колку од пратениците на АА ќе го следат Таравари или ќе останат во пратеничката група на коалицијата Вреди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ