понеделник, 2 февруари 2026
Ново рочиште за трагедијата во Кочани

Сведоштво на преживеан од пожарот во Пулс: Од концерт на ДНК, до кома со изгорени дишни патишта

Во судницата во Идризово денес со сослушување на сведоци продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Пред судот исказ даде и сведокот Петар Марковски, кој кобната вечер бил гостин во дискотеката за време на концертот на групата ДНК.

Објавено на

часот

Сподели

Марковски изјави дека седум години редовно ја посетувал дискотеката „Пулс“ и дека со друштвото заминале на концерт бидејќи, како што рече, „ДНК ги сакавме сите“. Во дискотеката пристигнале околу 12:45 часот, а билетите ги купиле од Тодор, братот на сопственикот Дејан, кој, според сведокот, секогаш бил задолжен за продажба на карти, а кој е обвинет во постапката.

На влезот, како што посочи, имало обезбедување, а тоа биле Лазар Захариев, Мартин Ѓорѓиев, Ивица и уште едно лице, сите означени како обезбедување. Тие проверувале лични карти и ставале печати на рака на оние што купиле билети. Нему лична карта не му побарале бидејќи го познавале. Според Марковски, обезбедување во дискотеката секогаш имало.

Сведокот посочи дека постоел и излез на задната страна, лево од бината, кој во претходните години бил функционален, но по реновирањето бил покриен со сепариња и не бил видлив. Кобната ноќ, како што рече, не видел никој да влегува или излегува од таа врата, иако слушнал дека се користела за малолетници. Потврди дека вечерта имало многу гости, меѓу кои и малолетници.

Марковски сведочеше дека и во претходните години во „Пулс“ се користела пиротехника, прскалки, исто како и вечерта на концертот. Сѐ било регуларно сѐ додека не се вклучиле прскалките, по што, како што опиша, почнал да гори плафонот и настанала паника. Луѓето почнале да бегаат кон излезот, а пожарот се ширел со огромна брзина.

„Мислам дека целиот плафон беше обложен со сунѓер, бидејќи и претходно се гледаше, и затоа огнот се ширеше многу брзо“, изјави сведокот.

Во хаосот и стампедото, тој се онесвестил. По неколку минути го разбудило девојче, а врз него имало уште тројца онесвестени лица. Бидејќи бил заглавен под нив, ги соблекол патиките за да може да стане и да продолжи кон излезот.

Откако излегол, неговите другари викале по него барајќи помош, бидејќи еден од нивните најдобри пријатели лежел на паркингот пред дискотеката. Марковски сведочеше дека истовремено им помагал и на други лица на кои им била потребна помош, по што се упатиле кон болницата, каде што владеел хаос. Бидејќи имал обука за прва помош, останал во болницата до рано наутро.

Причината за неговото онесвестување, како што рече, била екстремната топлина и густ чад со мирис на изгорена пластика. Наведе дека на влезот и излезот од „Пулс“ имало ознаки, како и на задната врата, но тие не биле видливи поради поставените сепариња.

Сведокот изјави и дека за време на пожарот Дејан, сопственикот на дискотеката, а обвинет во постапката, се качил на бината и се обидел да го изгаси огнот со противпожарни апарати. Поради повредите, Марковски бил лекуван во Словенија, каде што, како што рече, белите дробови му биле целосно зацрнети, а дишните патишта изгорени. И денес има последици – намален капацитет на дишење.

„Додека можев да дишам, помагав во болницата, но следниот ден состојбата ми се влоши, бев префрлен во болница и потоа западнав во кома“, изјави сведокот, додавајќи дека имало и други вечери кога во дискотеката имало повеќе гости отколку критичната ноќ.

Судењето е во тек со искази на останатите двајца сведоци.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ