„Согласно член 428 од Законот за кривичната постапка, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, се вели во соопштението на Судскиот совет.
И судиите од Тетово денеска ја бранеа одлуката на нивниот колега Ељведин Ферати дека пресудата од две години затвор за обвинетиот возач Енвер Пајазити е исправна и е практично максималната казна што можела да се изрече во повтореното судење.
Како што велат судијката Верка Костовска која првиот пат го водеше судскиот процес, како и судијата Ељведин Ферати постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми.
„Судијата при одмерување на казната за обвинетиот ги имал во предвид како отежнувачките така и олеснувачките околностите, и тоа: начинот на кој е сторено кривичното дело, кривичната одговорност на обвинетиот, неговиот однос во судницата, околностите поврзани за видот, карактерот, тежината и сериозноста на кривичното дело, условите на патот, околноста дека покојната коловозот го поминувала на обележан пешачки премин, штетните последици кои настанале како резултат на инкримираното дејствие, околноста дека законските застапници на покојната се приклучиле кон кривичен прогон и истакнале имотно правно барање, околноста дека обвинетиот признал вина, изразил жалење за настанот, дека порано обвинетиот не бил осудуван и не се води постапка за друго кривично дело“, велат од Здужението на судии при Основниот суд Тетово.