понеделник, 2 март 2026

Судиите ја дополнија иницијативата за оценување на уставноста на измените во законот за нивните плати

Здружението на судиите на Република Македонија (ЗСРМ) информира дека до Уставниот суд на РСМ поднело дополнување на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на измените на Законот за платите на судиите, со кое бара поништување/укинување на неуставно донесените незаконски измени на законот, со кои платите на судиите остануваат замрзнати.

Објавено на

часот

Сподели

Судиите исто така нагласуваат дека дополнителен проблем создаваат и ниските плати, одливот на кадар на судската администрација и неисплаќањето на додатоците, од што директни последици трпат странките во постапките, односно граѓаните.

„Поради тоа, децидни сме на ставот дека доколку продолжи ‘уривањето’ на судскиот систем, ако ваквите неуставни измени на законот опстојат и доколку судската администрација се остави на маргините и се продолжи да се деградира, судиите ќе изнајдат друга форма на покажување незадоволство и видлив протест, а ја поддржуваме и судската администрација на нови законити чекори за изразување на незадоволството за што изминатиот период е добиена поддршка од повеќето подружници на ЗСРСМ“, се наведува во соопштението од Здружението на судии.

Дополнувањето на иницијативата пред Уставниот суд, како што се посочува во соопштението, ги опфаќа последните измени на законот, донесени на 25 февруари годинава.

„Сметаме дека ваквиот пристап на пратениците од Собранието на РСМ, кои ги изгласаа овие измени на законот во брза, неуставна и, за жал, само популистичка постапка, ќе има далекусежни последици во врска (не)владение на правото, бидејќи е во спротивност со член 32 од Уставот на РСМ, а дополнително директно го нарушува и достоинството на судиската функција. Пратениците со мандат од 4 години мора да престанат со креирање, менување и укинување закони што имаат цел само да купат социјален и политички мир. Наместо да носат штетни и неуставни закони, кои генерираат правна несигурност, и наместо да се водат само од потребата за зголемување на политичкиот рејтинг, потребно е пратениците да ја согледаат реалната потреба за независно и непристрасно судство, што ќе биде гарант за владеење на правото и доследна борба со организираниот криминал и корупцијата како предуслов за европски напредок на земјата“, се вели во соопштението од Здружението на судиите.

Судиите, во соопштението, посочуваат дека во Македонија „владее општо незадоволство, пред сè, од политичките структури во земјата, но и од судскиот систем, образованието и здравството, но најмногу владее незадоволството од економската состојба во државата и куповната моќ на граѓаните“.

„Појдовна точка и излезна врата од сите напластени проблеми, како во секое демократско општество така и кај нас, треба да бидат владеењето на правото и почитувањето на уставно загарантираните права на граѓаните. Затоа и пред гласањето на спорниот закон апелиравме до пратениците: не кршете го Уставот, не повторувајте ги грешките на претходните собраниски состави, не купувајте социјален мир со намалување на платите на една мала група граѓани, напротив, зголемете им ги платите на сите“, се вели во соопштението на Здружението на судиите.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ