Стојановски има осум главни препораки за новоизбраниот гувернер/гувернерка: 1. Биткоин како дел од девизни резерви ; 2. Самостојна монетарна политика, а не копи-пејст; 3. Стоп за корупција во вработувања, „ин ор аут“ – интервјуа; 4. „Стејблкоин“ македонски денар; 5. Пејпал, Страјп и Моли ((PayPal, Stripe и Mollie) – уште „вчера“ ; 6. Релаксирање за кеш плаќања поради високи провизии; 7. Пофлексибилна политика кон нерезиденти како можност за економски раст и инвестиции; 8. Финансиска писменост за сите – без исклучок.
„Деновиве ќе се врши избор на нов гувернер на Народна банка и ова се некои пораки кои сакам да му ги испратам пред да знам кој ќе биде. Овие чекори би ги нарекол приоритети и истите јас би ги презел доколку би бил на таа функција или, да речеме, член на Советот на Народната банка. Подолунаведеното е мое лично мислење, изградено од богато и практично меѓународно искуство во приватен и јавен сектор, како и да си го оправдам сертификатот за извонредност од ММФ; и оценката 10+ во индекс по предметот меѓународна економија“, пишува Даниел Стојановски.
1. Итно воведување на биткоин како дел од девизните резерви на Народната банка. Нема време за чекање и да гледаме околните земји што ќе направат. Федералните резерви на САД веќе го гледаат ова како насушна опција и треба да бидеме меѓу првите држави кои ќе го направат ова. Ако ова се воведеше порано, ќе бевме многу побогати како држава.
3. Стоп за „копи-пејст“-политика во однос на Европската централна банка (ECB). Европската централна банка си е европска и се грижи за европската економија, пред сè германската економија; и слепото следење на нејзината политика нè чинеше една од највисоките инфлации за време на короната. Сите ние плаќаме десетици милиони евра повеќе на нашите минуси на картички, потрошувачки кредити, станбени и автомобилски кредити. затоа што некој таму немал храброст да донесе независни одлуки. Не за џабе има сектор за истражувања во Народна банка и, според мои информации, таму работат квалитетни луѓе и тоа треба да се искористи. Тука да напоменам дека за рекордната инфлација голема одговорност лежи и кај тогашната фискална власт, но монетарната власт како контратежа доцна реагираше и не презеде доволно.
3. Стоп за корупција во вработувањата во институцијата. Не велам ни дека има, ни дека нема, но потребно е интервју со сите вработени од страна на гувернерот во стил „ин од аут“ (in or out), „доџ стајл“ (DOGE style), какви што направи тимот на Илон Маск во САД. Ако некој не знае, на пример, финансиско моделирање и напреден ексел, нема што да бара во институцијата. Ако може Лери Пејџ, СЕО на Гугл , да најде време за интервјуа при вработувањата, може и гувернерот / гувернерката, затоа што се почнува и завршува со луѓето, тие се „мејк ор брејк“ (make or break).
4. Апсолутно и брзо отпочнување на активности за креирање на „стејблкоин“ (stablecoin) – македонски денар. Иднината е ДЕФИ (DEFI – децентрализирани финансии), и кој ќе доминира во овој финтек-сектор во иднина, ќе може да се надева на лидерско место во светската трговија. Натаму очекувам да се развива и оваа моментална тарифна војна. Гледам дека премиерот имаше средба со основачот на Тетер (Tether) и истата ја поздравувам, сега само треба малку поттурнување (push) и ова да го направиме. Таа вест има можност да одекне како бум на светската инвестициска сцена според мене.
5. Итно воведување на Пејпал, Страјп и Моли (PayPal, Stripe и Mollie) за олеснување на дигиталните плаќања и меѓународната трговија за нашите бизниси и поединци. На еден од кандидатите за гувернер (во поширок круг), на еден јавен настан, лично му објаснував како функционира Пејпал , на што тој беше вчудоневиден – очигледно во животот нема никогаш наплатено фактура во странство, па не сум изненаден. Да искористам прилика и да напоменам дека искуството во меѓународен бизнис и меѓународни плаќања, не само државни. туку и приватни плаќања, е една од клучните компетенции што треба да ја има идниот гувернер / гувернерка, или да има такви професионалци во својот тим или во советот.
6. Релаксирање на политиката кон кеш-плаќањата. Знам, можеби ова ќе звучи контрадикторно, но не замерувам за жиралните плаќања, тие си се океј, таму провизијата (барем на внатрешниот пазар) е прифатлива. Зборувам за плаќањата преку картички, каде со секое плаќање губиме 2–3% на провизии од целокупната економска активност – и тоа едноставно не можеме да си го дозволиме. Потребна ни е секоја можност за генерирање раст. Знам, ќе речете „ама треба да се бориме со сивата економија и нелегалните плаќања“ и се согласувам со тоа, но за тоа има други начини. Повторно, не треба да копираме што прави Германија и скандинавските земји, тие се на друго ниво на раст. Да видиме што правеле Сингапур, Швајцарија, Ирска, Обединетите Арапски Емирати, Естонија, Лихтенштајн итн. кога се развивале. Секогаш е потребно независно размислување, резонирање од први принципи. А доколку сме моментално меѓу 65-та и 70-та економија по жител во светот, зависи како ќе мериш, зошто да следиме што прават другите? Не е ли време за свои независни политики и да видиме што направиле тие што сега се на врвот, а некогаш не биле ни во првите 50?
7. Поотворена банкарска политика кон нерезиденти. Моментално ако си нерезидент, народски кажано „уште кило крв“ што не треба да дадеш за да отвориш сметка кај нас. Има примери каде дури и граѓани од земји од Отворен Балкан имаат проблем да отворат сметка, па поради нив цела фирма не може да земе плата. Значи, моменталната политика на привлекување странски инвестиции се фокусира на инвеститори кои имаат да речеме, над 10 милиони евра, и на истата ѝ е потребно модернизирање. Треба да има систем ако некој сака да инвестира 10.000 евра или долари – да може да го направи тоа. Исто и со 100.000 евра итн. Со овозможување на „пејпал“, „страјп“ и „моли“-плаќањата за македонските фирми и релаксирање на условите за нерезиденти, правиме терен за мегараст. Повторно, тие што немаат пуштено фактура кон надвор, а да не е шлепер со роба, не очекувам ова да им звучи битно, но ова има потенцијал конечно да стигнеме до галопирачки годишен раст на БДП, а не 3% раст на БДП како до сега. Доста е со полумерки и преведување на регулативи од трети земји. За ова веројатно ќе треба и измени на Законот за девизно работење, за да се овозможи функционирање на мултивалутни сметки во вистинска смисла на зборот. А да не почнам да зборувам за курсните разлики – македонските извозници имаат по еден вработен за кого плаќаат неколку плати, кој се вика „курсни разлики и провизии“.
8. Финансиска писменост за сите. Последно, но не и најнебитно. Економијата можеме да ја сведеме на едноставна формула: број на луѓе, помножено со нивната продуктивност. Доколку граѓаните носат подобри финансиски одлуки, тоа е подобро за економијата, подобро за државата, подобро за идните генерации. Едноставно, треба Народна банка да биде супердосадна и сите нас насекаде да не „дави“ со едукација за финансиска писменост, како на пример во основни, средни училишта, универзитети, саеми, предавања за вработени, посети на компании со предавања, предавања за пензионери, телевизиски и радио програми, креирање на онлајн-курсеви и материјали, мобилна апликација, AИ-четбот…, наведува Стојановски во своите препораки до идниот гувернер на Народната банка на Македонија.