недела, 25 мај 2025

Стоја Ѓеоргиева – најдобра на Државниот тракторски натпревар за ученици во Струмица

Во Струмица денеска се одржа 53-от Државен тракторски натпревар за учениците од земјоделско-ветеринарната струка, чиј домаќин беше СОУУД „Димитар Влахов. Најдобра во дисциплината – вешто возење трактор е Стоја Ѓеоргиева, ученичка од четврта година од „Димитар Влахов“ од Струмица.

Објавено на

часот

Сподели

Натпреварот го отвори градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека на земјоделството, како важна гранка и стратешки интерес и на општината и државата, му се потребни млади образовани луѓе, подготвени за изучување и користење на современи техники и технологии за квалитетно производство барано на домашниот и странските пазари.

 

„Убаво е кога на едно место се собрани толку млади луѓе коишто со помош на нивните професори-ментори преку натпревар ќе ги презентираат стекнатото знаење и вештини, ќе покажат и докажат колку знаат и зошто ја заслужуваат нашата поддршка. А учениците се моја и гордост на општина Струмица, тие го заслужуваат најдоброто од нас и секогаш ќе го имаат“, рече Костадинов во поздравното обраќање.

Директорката на „Димитар Влахов“, Јасмина Цамбулева подвлече дека со оваа манифестација се негува инвотативноста и трудот на учениците, но и на младите земјоделци.

„Овој натпревар е повеќе од демонстрација на возење трактор. Тој е симбол на поврзаноста меѓу образованието и практиката, меѓу училиштето и земјоделството, сектор кој е од особено значење за нашиот регион“, рече Цамбулева.

Игор Николов, претседател на „Тера фитон анимал“, здружението кое го организира натпреварот, смета дека перспективата на државата е во земјоделството, односно, според него, тоа е најглавна професија за производство на храна.

„Секоја држава тежнее кон тоа да има сопствено производство на храна, кое ќе ги задоволи потребите на населението. Во таа насока е и токму денешниот натпревар преку кој учениците ќе ги покажат своите вештини, да покажат и докажат како се произведува, како се работи, во суштина, во земјоделството. Да применат нови технологии, да разменат искуства меѓу себе и секако да ги поттикнеме да бидат дел од земјоделскиот сектор“, изјави Николов.

На 53-от Државен тракторски натпревар за учениците од земјоделско-ветеринарната струка, учествуваа екипи од десет средни училишта, кои освен во возење трактор, ги покажаа своите вештини и знаења и во други земјоделски активности.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ