Тоа, оцени тој, не само што го зајакнува претставувањето, туку и ја зголемува довербата на граѓаните во државните институции и придонесува кон побезбедно и поинклузивно општество.
„Во Општина Пустец, која претежно е населена со македонска заедница, раководителот на полициската станица треба да биде од редовите на македонската заедница, за да се обезбеди правична застапеност и изградба на взаемна доверба“, нагласи Стерјовски.
Во излагањето потсети дека во почетоците на демократските процеси во Албанија, по падот на комунистичкиот режим во раните 90-ти години, малцинствата често беа гледани како закана за државата.
„Во тој период, во рамки на формирањето на националната полиција и армија, сите припадници на македонското малцинство, како и на другите малцинства, беа исклучени од редовите на безбедносните сили. Денес времињата се променети и затоа од големо значење е вклучување на припадниците на малцинствата во редовите на безбедносните сили“, рече Стерјовски.
На регионалниот семинар за претставници на институциите за спроведување на законот и граѓанското општество од Западен Балкан и Источните земји, на тема „Зајакнување на одговорот на полицијата кон омразата врз етничка и верска основа“, тој учествуваше на покана од Одделението за анти-дискриминација при Советот на Европа.
На семинарот стана збор за улогата на институциите за спроведување на законот во соработка со ранливите групи и малцинските заедници, во рамките на заедничките програми за борба против дискриминацијата на Европската Унија и Советот на Европа за земјите од Западен Балкан и Источните земји.
Исто така се дискутираше за начините за справување со омразата и дискриминацијата врз етничките и религиозните малцинства, фокусирајќи се на стратегии за спречување на злосторства од омраза; градење доверба меѓу полицијата и заедницата; собирање податоци за инциденти поврзани со омраза, како и добрите практики од различни земји од Европа.