„Македонија, а пред се македонските работници се продуктивни над светскиот просек (23,27 долари). Ако се пресмета на месечно ниво (168 работни часа), еден работник е продуктивен, односно создава 297.024 денари месечно.
Нето минималната плата во Македонија изнесува 24.379 денари месечно, а еден работник создава 297.024 денари месечно. Тоа значи дека работник со минимална плата добива 17% од вредноста што просечно се создава месечно. Газдите и функционерите ги држат работниците во сиромаштија, односно создадената вредност не се распределува пропорционално кон трудот, а уделот на платите во создадената вредност е релативно низок.
Само 17% од создадената вредност одат во плата, а остатокот оди за профит, инвестиции, амортизација, даноци, трошоци на капитал и други расходи.
Очигледно е дека намерата да се спречи растот на минималната плата не е до тоа колку биле или не биле продуктивни македонските работници, туку до тоа колку се богатат и владеат на работничкиот грб.
Македонија има продуктивност над просекот на светско ниво и постои економски простор за раст на платите и покрај тоа што одредени експерти, газди и функционери убедуваа во спротивното. Кај дел од земјите во регионот се гледа дека продуктивноста не е многу повисока од Македонија, а минималната плата е значително повисока.
Македонските работници не се на дното, туку се со релативно добра продуктивност блиску до Бугарија, а повисоко од Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, но и покрај повисоката продуктивност во споредба со некои земји, минималната плата и генерално платите во Македонија се многу пониски во споредба со земјите од регионот.
Како заклучок на сето ова произлегува дека работодавачите ги експлоатираат работниците, а власта ја поддржува оваа состојба“, соопшти ССМ.






