недела, 14 декември 2025

Средба Алиу-Кедев, приватните болници од 15 септември треба да информираат за сите извршени прегледи и интервенции

Министерот за здравство Азир Алиу денеска имаше средба со д-р Сашко Кедев, на која беа разменети информации во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници, соопшти Министерството за здравство.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Алиу на средбата потсетил дека ќе биде испратен допис со кој сите приватни здравствени установи се задолжени од 15 септември да го информираат Министерството, односно Управата за електронско здравство за сите извршени прегледи и интервенции.

Од Министерството за здравство наведуваат дека се отворени за соработка со сите чинители и ги повикуваат сите засегнати страни кои имаат каква било информација за евентуални неправилности во системот, веднаш да се обратат до нив.

Транспарентноста е еден од главните столбови во работата на Министерството за здравство и е од клучно значење за унапредување на процесите во системот, стои во соопштениетo.

Експерти од Словенија, Италија, Австрија или Германија ќе утврдуваат дали се правеле непотребни операции во приватните болници. Листата со имиња на странските експерти, како што најави министерот Алиу, треба да биде комплетирана денеска.

Тој во саботата изјави дека еден експерт ќе биде од Словенија, вториот е одлучено да биде од Италија, а за изборот на третиот во игра се имиња од Австрија и Германија.

Министерството за здравство со нив ќе потпише договор со цел да утврдат дали се вршеле непотребни интервенции кај пациенти во приватните клиники.

Одлуката за ангажирање на странски експерти, според министерот Алиу, е заради поголема објективност и утврдување на вистинската слика.

Министерот нагласи дека приватните здравствени институции ќе мора задолжително да ги отворат нивните бази на податоци за да се следи здравствената патека на секој граѓанин.

„Веќе работи комисија кај нас, ако има законски пречки да се отстранат веднаш, наредната недела, и ќе пуштиме писмо до сите приватни здравствени институции од 15 наредниот месец да мора задолжително да ги отворат базите за да може ние да ги агрегираме сите постоечки информации што се таму во нивните институции. Ова е право на државата. Бидејќи секој граѓанин директно или индиректно придонесува кон здравствениот систем во државата и кон Фондот и затоа, ние мора да бидеме во тек со здравствената патека на секој граѓанин во земјава“, рече Алиу.

Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски во саботата упати апел до можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби.

Изјавата на Клековски доаѓа откако кардиохирургот Сашко Кедев пред неколку дена изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции. По оваа изјава МЗ најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ