Со измените се дефинираат одредби со кои средното образование се уредува како институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој овозможува образование за сите ученици, вклучително и деца со попречености, формирање на инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост.
Се воведуваат одредби за кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование. Со новиот закон се воведува и нова концепција за испити на крајот на средното образование, а првпат во средните училишта се овозможува ученичко организирање и учество.
Минатиот вторник пратениците по скратена постапка донесоа шест закони од образованието – Законот за субвенциониран студентски оброк, со којшто се зголемува опфатот на корисници на студентски оброк, како и измените на Законот за основно образование и Законот за учебници за основно и средно образование, Законот за стручно образование и обука, Законот за просветна инспекција и Законот за Бирото за развој на образованието.