Откако пролетва беше потпишан договорот за преземање на Зимскиот центар Маврово од Огнен Циговски кон новиот газда Љубе Кутлешовски, вработените во центарот почнаа да се жалат за нередовна исплата на нивните плати, за целосна негрижа од страна на новиот сопственик, за ненавремено сервисирање на жичарниците и скилифтовите… Денеска таму нема струја, сервисите на жичниците не се завршени, овци и коњи пасат на стадионот каде што треба да тренираат разни спортски тимови, вработените даваат откази, хотелите не работат…

Му се јавивме на Кутлешовски. Најкултурно му се претставивме кои сме и за што се интересираме. Еве накратко како одеше тој не баш најпријатен телефонски разговор:
„Што ви е гајле вас. Општината нека го среди тоа со паркингот долу кај хотелот Спорт, па ќе има скијање. Што ѝ е гајле на јавноста дали ќе има зимава скијање или не! Е па нема да има! Кој си ти што ми се јавуваш? Од каде ти е бројот? Да, нема струја, ама јас ја исклучив струјата. Што има да се троши струја кога не работиме. И што ако нема скијање зимава, голема работа…“. И ја спушти слушалката со закана уште еднаш да не му се јавуваме.
Бизнисменот Огњан Циговски му продаде 80 отстотен удел во Ресорт Маврово на австралиски бизнисмен по потекло од Македонија. Продадени се четири хотели, меѓу кои и хотелот „Бистра“ како најпознат, кабаре, три угостителски бачила, скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ и подружница за изнајмување рекреативна опрема. Купувач на овој пакет е Љубе Кутлешовски од Австралија, односно неговата компанија „Бесијан холдингс ПТИ ЛТД“. Оваа компанија веќе седум години е сопственик на хотелот „Епинал“ во Битола. Во целата оваа зделка се споменува и уште една австралиска компанија, „Македонија ПТИ ЛТД“.
Циговски денеска ни потврди дека сѐ уште не е затворена последната рата од исплатата за купување на центарот и дека целиот предмет е на извршител.
Инаку, според австралиските медиуми семејството Кутлешовски работеле градежни работи, а во неколку случаи имале проблеми со судските власти во Мелбурн. Стефче Кутлешовски и извесен Раман Шакири биле во затвор и казнети со 400 илјади австралиски долари откако илегално демолирале стар ирски паб, кој бил сметан за заштитено културно наследство.
А.Д.






