Документот го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на КфВ за Југоисточна Европа, Клаус Милер.
Министерката за финансии, Димитриеска Кочоска, изјави дека станува збор за проект кој не е само инфраструктурна инвестиција, туку и инвестиција во иднината, односно, како што рече „инвестиција во достоинствени услови за нашите студенти и во заштеда на енергија на долг рок“.
Таа информираше дека ова е прва фаза од проектот со вкупен буџет од 30,25 милиони евра, кој вклучува 20 милиони евра заем од KfW, 4,75 милиони евра грант преку WBIF и новиот грант од 5,5 милиони евра.
„Овие бројки не се само финансиски параметри – тие се доказ за визија, стратешко планирање и конкретна грижа за младите и за оние на кои најмногу им е потребна поддршка“, рече Димитриеска Кочоска.
Најави и нова фаза која ќе вклучи изградба на образовни установи за ученици со посебни потреби.
Министерката за образование и наука, Јаневска, информираше дека е во тек темелна реконструкција на девет државни студентски домови, поддржана од ЕУ и KFW. Првата фаза опфаќа целосна обнова на домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, кои, како што рече, до крајот на годината ќе станат ултра модерни и енергетски ефикасни.
„Со новиот грант буџетот сега надминува 30 милиони евра и средствата ќе се искористат за делумно финансирање на обновата на четири студентски домови Никола Карев во Охрид, Браќа Миладиновци во Штип, Орде Чопела во Прилеп и Томе Стефановски – Сениќ во Скопје“, појасни таа.
Министерката Јаневска најави и трета фаза, која ќе ги опфати домовите „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, изјави дека со потпишувањето на договорот се работи на подобрување на енергетската ефикасност во образованието.
„Студентското домување е суштински дел од животот додека човек е на факултет и обезбедува дом надвор од домот. Спроведувањето на скоро нулта енергетските згради придонесува за намалување на загадувањето во Скопје, а реконструкцијата на двата дома напредува со полна брзина. Со подобрување на условите за живот на студентите сакаме да ги земеме предвид и студентите со посебни потреби, да се зголеми нивниот квалитет на живот. Се надеваме дека со овој проект, заедно, сите четворица ќе добиеме десетка на испитот – и со средствата обезбедени преку оваа програма, но и со оние од реформската агенда“, рече тој.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер изрази надеж дека проектот ќе доведе до „30 проценти намалени сметки за енергија во студентските домови“, што ќе придонесе и за климатските цели, енергетската стабилност и подобар живот за сите граѓани.
Директорот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа, Клаус Милер, рече дека покрај финансиската поддршка, банката ја поддржува Владата и во законодавството за енергетска ефикасност.
„Се надеваме дека до крајот на оваа година ќе потпишеме уште еден договор за следната фаза“, изјави Милер.
Грантот е обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, преку Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP Plus), и го надополнува заемот од 20 милиони евра од Германската развојна банка.






