Во рамките на разговорите, информираат од Народна банка, беше истакната поддршката што институтот ја дава преку Програмата за билатерална помош и јакнење на капацитетите за централните банки (BCC), финансирана од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO), во која ќе биде вклучена и Народната банка. Програмата има за цел да им помогне на централните банки во земјите во развој во градењето аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика, како и за одржување стабилен и сеопфатен финансиски систем.
Гувернерот Славески нагласи дека соработката со швајцарската амбасада и вклучувањето во овој проект претставуваат значаен поттик за натамошно зајакнување на институционалните капацитети на Народната банка во повеќе важни области на работењето. Соработката со институтот ќе опфати техничка помош и пренос на знаење за унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките за анализа, унапредување на системот за управување со ризиците, како и за поголема финансиска вклученост.
Во моментов, проектот вклучува централни банки од десет земји од различни делови на светот, а наскоро и Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.






