Истакнав, порача, дека иако сме мала држава се однесуваме како кредибилен партнер на НАТО.
„За разлика од многу други ние издвојуваме 2 проценти од БДП, а донесена е и одлуката за зголемување на процентот. Потенцирав дека тоа може да биде само градуелно и дека остануваме посветени на обврската, но мора да се внимава на финансиската моќ на државата“, рече Сиљановска-Давкова на прес-конференција во Хаг, јави известувачот на МИА.
Таа нагласи дека како земја повеќе би сакале да издвојуваме за наука и за образование, но заради консензусот и решеноста, додаде, кога сте во друштво со кое делите исти принципи и вредности мора да ги почитувате заедничките одлуки.
„На самитот потенцирав дека верувам во збогум оружје и во насушната потреба од траен мир и во мојот говор посочив дека на 26 јуни се одбележуваат 80 години од ОН, на овој датум е и изјавата на Џон Кенеди дадена во Берлин дека се чувствува како берлинец, но предупредив и дека на 26 јуни почна војната во поранешна Југославија во 90-тите години и дека тоа е едно предупредување за важноста на Западен Балкан како интегриран во ЕУ. Повикав на деблокирање на пристапниот процес и предупредив дека не се работи само за начелото на проширување и на политиката на проширување како важна со која ќе се круниса фактот дека низ историјата сме биле не само географски, историски и културно дел од Европа, туку дека е во прашање безбедноста на регионот, а со тоа и безбедноста на ЕУ и на Европа“, посочи Сиљановска-Давкова и додаде дека мисли оти пораките биле примени.
Таа рече дека денеска во Хаг остварила средби со колегите од Естонија, Финска и Чешка и оти е потврдено дека словачкиот претседател набрзо ќе престојува во официјална посета во Скопје. Имала и разговори со други државници, а и кратка средба со претседателот на САД Доналд Трамп.
„Разговорите што ги водевме беа плодни, пријателски и со разбирање. Разговаравме за деблокирањето на нашите преговори со ЕУ. После тоа што се случи мислам дека не треба да се однесуваме триумфалистички и дека треба да ги мериме зборовите и да се охрабруваме меѓусебе. Имав ипротоколарна средба со премиерот на Бугарија за кого мислам дека е прав џентлмен, многу пристоен политичар, спремен за разговори и за дијалот. Токму тоа е она што нам ни треба“, потенцира Сиљновска-Давкова.
Мојата основна порака, посочи, е дека можеби наместо да бараме и да очекуваме посредништво, треба сами да седнеме и да видиме каде сме, каде одиме.
„Прашањата за модерен јазик, модерна нација е крајно проблематично и тоа не само научно, туку и политички. Сите нации настанале во втората половина на 18. и во 19. век, вклучувајќи ја и нашата нација. Малку е невообичаено сега да барате да се избрише тоа што е внесено во Извештајот за напредокот на земјава од Томас Вајц ако се инсистирале на реактуелизирање на нешто што е ад акта – на разговори за нација, јазик, историја. Тоа се прашања кои како вредности и принципи воопшто не треба да бидат на агендата, но ако некој инсистира на нивно ставање на агендата, а тоа се случи, тогаш сигурно дека и оној кој известува ќе се обиде да каже дека не се работи за специфична нација, јазик и историја, туку за нешто што важи за сите европски нации бидејќи ЕУ е сојуз на држави нации. Сите имаат ист статус што значи и ние би требало да го уживаме истиот статус“, порача македонската претседателка.