среда, 16 јули 2025

Сиљановска Давкова: Договорот со ОК ќе нè факторизира геополитички, европскиот извештај за Македонија да биде реален

Извонреден и сосема во ред е договорот со Обединетото Кралство. Нè факторизира геополитички на Балканот, ќе нè направи поинтересни во регионот и попросперитетни, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Објавено на

часот

Сподели

Како што оцени Сиљановска Давкова, во договорот има техничка грешка, но само во англиската верзија и таа деновиве преку размена на ноти може да се исправи.

„Договорот не е како некои договори склучен од погрешни субјекти. Одговорно тврдам дека договор за промена на име не може да биде склучен од министер за надворешни работи, ама беше склучен. Во Уставот јасни се членовите 118 и 119, јасно е дека договорите ги склучуваат шефовите на државите, а кога е утврдено со закон и Владата. Токму во Законот за надворешни работи се наредени сите овие области: инфраструктура, економија, ИТ, здравство, училишта,… сè се тоа капитални инвестиции што нас нè прават посилни во натпреварот и не нè оставаат сами. Она што во договорот е техничка грешка, и тоа само во англиската верзија, е претпотписот на заменик-премиерот, односно министерот за транспорт – стои потпретседател на државата во името на Владата. Мислам дека овие денови, утре-задутре, преку обична размена на ноти, или информации може да се отстрани, согласно Виенската конвенција за договорно право“, потенцира претседателката.

Според неа, ако се погледне содржината на договорот, може да се забележи дека доколку дојде до раскинување, почнатите работи продолжуваат.

„Треба ли да потсетам на многу објекти низ државава кои останаа недовршени зашто немаше во договрите исти такви одредби. Кога одите напред и имате гаранција дека тоа можете да го реализирате и односот кон вас се менува“, рече Сиљановска Давкова, потсетувајќи дека најголемиот дел од британските инвестиции на Западен Балкан се во Македонија, одговорајќи на новинарски прашања по конференцијата по повод јубилејот на Државниот завод за статистика.

Во очекување на европскиот извештај за напредокот на земјава што треба да биде објавен утре, претседателката смета дека во него ќе биде реално отсликана ситуацијата во Македонија. Како што оцени денеска, одговорајќи на новинарски прашања, „овојпат како да има многу поголема ангажираност, посветеност и одговорност можеби зашто се зборува за извонредно познавање, добра намера и разбирање на сите процеси и односи што се случуваат“.

„Мислам дека е тоа многу важно, кога ќе читате еден извшетај да видите дека е реален, да му верувате, да видите дека некој одговорно се однесувал кон интерпретацијата и кон собирањето на податоците, оти тоа е здраво и стимулативно и за нас, ама и за сите други“, истакна Сиљановска Давкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ