Потсети дека пратениците од минатиот состав немале увид во содржината од вториот протокол од договорот со Бугарија потенцирајќи дека кога ги соочува своите соговорници со овие и со многу други прашања има впечаток како претходно да не им биле предочени.
„Се прашувам дали можеби ќе имавме поинаква преговарачка рамка и заклучоци ако лидерите на ЕУ и Европскиот совет биле навреме и соодветно соочени со ова“, рече таа.
Забележа дека одредени политичари во минатото требало да градат политички консензус дома и оти треба да учиме од нашите соседи кои настапуваат едногласно и не ги негираат декларациите донесени во нивните парламенти.
„Разногласието за прашања од национален интерес од нас направи слаба држава. Двојните стандарди нè доведоа до чудна ситуација“, рече претседателката која кажа дека од една страна сè уште има верба кај граѓаните дека ќе бидеме дел од ЕУ, но и растечки сомнеж дека кога било ќе бидеме дел од Унијата.
Според неа, има излез од оваа состојба, но потребна е политичка волја, но не само наша туку и на Унијата.
„Оти ние сме предложиле повеќе излезни решенија, а ЕУ треба да избере едно, да најде свое креативно решение за деблокада на процесот. Ако има решение за Украина и Молдавија, лесно ќе се најде и за нас“, потенцира Сиљановска Давкова.
Пораката што ја прати од Собранието е дека без јасни гаранции од ЕУ и од Бугарија и без соодветни заштитни механизми, со уште една уставна промена ние ризикуваме од овој процес да излеземе со „соголен, изглодан идентитет и суверенитет, национален и културен“. Повика на едногласна поддршка за националните интереси, без разлика дали сме од власта или од опозицијата.
Сиљановска – Давкова рече дека извештајот на ЕК потврдува дека имаме стабилна економија, највисока техничка усогласеност со европското законодавство во регионот, и стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика. Сепак, оценката што доминира е ограничен напредок. Според извештаите на ЕУ државата била најдобро оценета во периодот 2017-2020 година, кога, како што потсети таа, беа потпишани и ратификувани Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција.
„Оттука, вистинската пречка за евроинтеграцискиот пат не се Копенхагенските критериуми ниту реформите, туку прифаќањето на решенија и услови што не се врзани со владеењето на правото. Што друго е новото барање за политичка подготвеност за пристапување, или политичка зрелост ако не де факто нов политички критериум воведен за да ја мери способноста на земјата кандидат да изгради стабилен политички консензус за членство во ЕУ во амбиент на длабока политичка и партиска поларизација. Во случајот со македонските евроинтеграции проблемот не е административен, туку лежи во уставните амандмани. Ние сме технички усогласен, но политички блокиран кандидат за членство, велат бројни експерти и извештаи“, рече претседателката.
Кажа дека брзата лента на која се најдоа некои земји-кандидати не е резултат само на нивните реформи, туку и на политичката волја на Унијата.
„На вагата на ЕУ чинам дека нашите уставни измени како да имаат поголема тежина од суштинските реформи. Независно колку реформски постигнувања додаваме, политичкиот услов натежнува. Се испорачува многу висока политичка сметка. Најновиот услов е внесување на Бугарите во нашиот Устав“, рече Сиљановска Давкова.
Во говорот таа се наврати за оценките на нашиот Устав од страна на европските и меѓународни институции. Зборувајќи за референдумот, Преспанскиот договор, уставните измени и усогласувањата што мораа да се случат потоа Сиљановска Давкова кажа дека само уставните измени од 2014 година биле на оценка на Венецијанската комисија и оти ако уставните промени беа гаранција за европски промени и хармонизација во духот на европското право ние одамна ќе бавме во ЕУ, ама сè уште ни преговорите не сме ги започнале. Претседателката кажа дека речиси целата нејзина надворешно-политичка агенда годинава била посветена и на евроинтеграциите.
„Веројатно, по промената на името, тешко ми е ова да го кажам – секоја друга промена на предлагачите им изгледа бенигна. Па нели проблемот беше во Преспанскиот договор, на кој што се повикува и последната декларација оти во членот 7 се утврдува дека името Македонија за втората страна значи територија, народ со своја историја, култура и јазик. Зарем за нас не важат гаранциите за националниот и културниот идентитет и интегритет како темелни вредности на кои што се повикува ЕУ во своите конститутивни акти, но и во декемвриската декларација“, потенцираше Сиљњановска Давкова.
Што стана со почитувањето на политичките и уставните структури, со поддршката за склучување на договори со членките на ЕУ со соседите врз реципрочна основа утврдени во Договорот за ЕУ, праша таа.
„Во кој член со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, на чие спроведување исто така нè обврзува декемвриската декларација, пишува дека треба да го смениме Уставот за да почнеме преговори? Може ли записник потпишан од двајца министри за надворешни работи, небаре конзули, да се амандманира меѓународен договор, а тој пак протоколот, синоним за записник, да стане дел од преговарачката рамка и од заклучоците, да стане причина за промена на нашиот Устав“, рече претседателката.
Според неа, доколку бриселските уставни експерти направиле анализа на нашиот и Уставот на Бугарија ќе виделе каде е проблемот во делот на малцинските права. Се наврати на препораките на Венецијанската комисија за Бугарија од 2008 година, која побарала да го смени Уставот и да не остане само на општата недискриминатоска клаузула. Исто така посочи дека Бугарија не ги спроведува пресудите на Судот за човекови права добиени од Македонци на кои им се негира дури и право да формираат културни здруженија.
Во својот говор таа зборуваше и за надворешната политика, за правичната застапеност, за фемицидите, за животната средина…
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието нагласи дека една од најважните работи за враќање на општествената доверба е потребата за право и непристрасна и навремена правда.
Таа посочи дека проектот Безбеден град покажал дека навиките се менуваат тогаш кога правилата важат подеднакво за сите, без врски и протекции.
„Но, потенцирам, нужен е системски пристап кон решавањето на сообраќајните проблеми врзани за соочување со неконтролираното градење коешто го оптоварува и парализира сообраќајот во определени градски делови. Во решавањето на овие проблеми клучна улога има и локалната самоуправа. Општините мора да ја зајакнат инспекциската контрола и урбанистичката дисциплина за јавниот простор, да не бидат жртва на стихија и лични интереси. Правдата е основа на довербата и извесноста. Државата треба да ги штити граѓаните, а не граѓаните да чувствуваат дека треба да се штитат од државата односно од аномичниот судски систем“, порача шефица на државата.
Нагласи дека затоа се важни реформите во правосудството, коишто започнуваат најпрво со донесување на новиот закон за Судски совет.
„Стариот закон беше генератор на криза во судството. Овозможуваше партизација, политизација, нестручност и некомпетентност. Со новиот закон, којшто го помина и строгиот филтер на Венецијанската комисија, за којшто верувам дека наскоро ќе го изгласате, се заоструваат критериумите за избор, се зголемува и транспарентноста. Затоа, наместо да брзаме со пополнување на испразнети места во Судскиот совет според старите критериуми, можеби е подобро да го почекаме новиот закон за да формираме меритократски темелен Судски совет“, рече таа.
Посочи дека од успешноста на реформите во правосудството ќе зависи и развивањето на неговата отпорност на различни влијанија.
„Од успешноста на правосудните реформи ќе зависи дали нашето судство ќе има сила да каже „не“, кога политиката ќе му вели „да“. Од тоа ќе зависи, дали ќе ја зацврстиме довербата на граѓаните во правото и правдата, иако во правосудната сфера не постои формална обврска за усогласување со европското законодавство, јасно е дека без правна рамка компатабилна со најдобрите европски практики не може да има владеење на правото. Реформите мора да бидат водени од принципи, а не од партиски интереси. Од знаење и интегритет, а не од партиска лојалност“, истакна претседателката.
Додаде дека во тој контекст нејзината одлука да се воздржи од номинација на двајца членови на Судскиот совет сè додека не се донесе новиот закон, не бил чин на пасивност, туку чин на одговорност.
„Свесна бев дека нема судски реформи со антиреформски профили креирани по мерка на партиите, а не по мерка на владеење на правото. Согласно новиот закон за Судски совет врз основа на јасни мерливи и строги критериуми ќе предложам добри кандидати, луѓе со неспорен интегритет, професионален углед и знаење. Со тоа ќе се прекине праксата на политички договори зад затворени врати и ќе се отвори патот за вистинска меритократија во судството. Само независен Судски совет може да биде гарант на правдата, се друго е илузија што ја плаќаат граѓаните“, рече Сиљановска – Давкова.
Се осврна и на работата на Уставниот суд, нагласувајќи дека неговите одлуки не смеат да бидат под притисок на политиката.
„Во време на турбуленции неговата независност е од суштинско значење. Одлуките на Уставниот суд не смеат да бидат под притисок на политиката, туку да се темелат на правна аргументација и уставни принципи. Секогаш сум се залагала за почитување на институционалната рамнотежа преку системот на стеги и кочници. Претседателот нема право да ја узурпира судската власт, но има право да ја брани неговата независност. Само така институциите можат да функционираат како систем“, нагласи претседателката.
Таа спомена дека на почетокот на годинава укажала и дека Законот за помилување во сегашната форма не обезбедува доволна правна сигурност, ниту транспаретност. Додаде дека помилувањето не смее да биде акт на дискреција без јасни правила, туку механизам со јасни одредби во јавен интерес, нагласи Сиљановска – Давкова.






