Според инструкциите наведени во видеото доколку некој од граѓаните поверува во можноста да добие награда од Лидл тогаш лесно пополнува мини анкета во која треба да го наведе името, годината на раѓање по што експресно добива потврда дека има токму онолку години колку што се потребни за да ја добие наградата мини фрижидер со пијалокот кока кола. По ова веб страницата ве води на следното ниво на кое треба да оставите лични податоци како што се вашето име и презиме, адреса на живеење и телефонски број по што треба да платите „само“ 125 денари за достава на наградата.
52 годишната скопјанка Ана за МКД.мк раскажа дека мислејќи дека ќе ја добие наградата од Лидл го следела инструкциите, но не од видео пораката туку преку спонзорирана реклама на една од социјалните мрежи. Бидејќи не се посомневала дека станува збор за лага решила да си ја испроба среќата.
Но лагата не завршува тука. Ваква реклама се шири и помеѓу оние граѓани кои имаат 49 години.
„Имам 49 години и вчера рано наутро ми се јавија од банката во која сум долгогодишен клиент за да ме известат дека сум направила сомнителна трансакција од два долари. Од кога им кажав дека не сум нарачала ништо во последните 24 часа преку интернет ме советуваа веднаш да ја блокирам мојата банкарска сметка и дека за седум работни денови ќе ми изработат нова. Кој нарачувал во мое име не знам, но професионалноста на мојата банка веројатно ме спаси од поголема кражба“, вели 49 годишната стружанка Елена.
Во двата конкретни случаи злоупотребено е и името на светски познатата компанија Кока кола затоа што наградата што се ветува дека ќе биде испорачана е токму мини фрижидер наполнет со лименки од овој истоимен пијалок.
Од компанијата Лидл денеска преку соопштение информираа дека на социјалните мрежи, односно на фејсбук и инстаграм, се шири лажна наградна игра во која се наведува дека се доделуваат брендирани мини фрижидери. Во објавата се бара од корисниците да кликнат на линк, да пополнат анкета и да учествуваат во наградната игра.
„Ја известуваме јавноста дека оваа наградна игра не е организирана од Лидл, ниту има каква било поврзаност со нашата компанија. Апелираме до граѓаните да бидат внимателни и да не внесуваат лични податоци на непроверени линкови, со цел да се заштитат од можни злоупотреби. Сите официјални информации за наградни игри, промоции и активности, компанијата, кога ќе почне со работа со маркети во Северна Македонија, ќе ги објавува исклучиво преку официјална интернет-страница и преку официјалните канали на социјалните мрежи за што јавноста ќе биде навремено известена“, соопшитија од компанијата Лидл.
Но тука не е крајот на маката на македонските граѓани. Модерните крадци се секогаш чекор пред измамените граѓани, но и пред органите на прогонот.
52 годишната битолчанка Ивана пред три месеци онлајн платила за да го обнови членството во една нискобуџетна авиокомпанија која лета и во Македонија по што од нејзината сметка првично и биле земени два долари, како и во случајот со Лидл за подоцна секој месец од сметката да ѝ бидат повлекувани по 69 евра.
„Не се посомневав во кражба затоа што јас навистина направив онлајн трансакција за обнова на моето членство во авиокомпанијата со која летам често. Но три месеци подоцна, кога ми затребаа пари, а истите ги немав на сметка и не можев да ги повлечам сфатив дека нешто се случува. Тогаш открив дека некој редовно ја празнел мојата сметка“, вели Ивана.
Ваквите обиди за кражба не се ништо ново. Обиди за измами кражби има и со телефонски повици, електронска пошта во која на граѓаните им се бара да ги споделат личните податоци затоа што наводно добиле наследство за кое не знаеле или измами како што е онаа во која преку смс порака бараат од граѓаните да дадат своја адреса на живеење за да може да им биде испорачана пратката што ја нарачале преку интернет.
ИТ експертите со кои разговараше МКД.мк велат дека граѓаните треба да бидат исклучително внимателни и пред да одлучат да нарачаат било што или да направат било каква онлајн транскација да ги проверуваат интернет страниците од каде што доаѓаат понудите, телефонските броеви од кои им пристигнуваат смс пораките или е-мејл адресите кои им пристигнуваат на нивната лична електронска пошта. Во конкретниот случај со измамата и злоупотребата на комапнијата Лидл, експертите препорачуваат добро да се слушне лажното видео кое се шири затоа што на него е лесно воочливо дека гласот употребен во ова видео зборува на исклучително лош литературен македонски јазик како и со динамика која не е вообичаена за нормалниот секојдневен говор. Истото важи и за пишаните пораки кои најчесто се напишани на лош македонски јазик.
Инаку Лидл е германска трговска марка која управува со над 10.000 продавници во нешто повеќе од 30 земји низ светот. Основана е од Јосеф Шварц во 1932 година што значи дека годинава одбележува 93 години, а не 52 или 49 години од формирањето како што се наведува во лажните видеа и текстуални пораки.