вторник, 8 јули 2025
Јавна дебата за унапредување на идниот Закон за вработување на лицата со попреченост

Се бара да се исфрлат од употреба застарените поими „инвалид“ и „инвалидно лице“

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во рамките на „Проектот за администрирање на социјалното осигурување“ – поддржан од Светска банка, го почна процесот на подготовка и донесување на Законот за професионална рехабилитација и поддршка при вработување на лица со попреченост. Во рамките на оваа активност, денеска ресорното Министерство во „Клубот на пратеници“ во Скопје ги одржа првите работни средби со засегнати од оваа заедница и разни други чинители. Најавено е и продолжување на јавната дебата со цел подобрување и унапредување на текстот на идниот Закон за вработување за овие граѓани.

Објавено на

часот

Сподели

Овие активности се во насока на препораките на Конвенцијата за правата на лица со попреченост, којашто нашата држава ја има ратификувано, нагласи Елена Кочоска, долгогодишна поборничка за остварување и унапредување на правата на граѓаните со попреченост.

На дискусијата, имаше претставници од повеќе здруженија за лица со попреченост. И тие, заедно со властите се согласија дека – за што поефикасен и сеопфатен предлог-закон, треба да бидат прашани сите страни.

– За волја на вистината, текстот на овој Закон е подготвен некаде во 2022 година, од еден тесен круг стручни лица, но без пошироко учество на претставници на оваа заедница, на лица со попреченост, бизнис-секторот, синдикатите, меѓународните организации коишто работат во ова поле… И, на почетокот на оваа година, Владата на Република Македонија нѐ задолжи да продолжиме со подготовката, унапредувањето и донесувањето на Законот, уште повеќе, пред сѐ поради фактот што Македонија во 2011. ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лица со попреченост. Така што, некако и природно веќе се наметна потребата од поделотворен нов Закон, истакна претставничката на надлежното Министерство.

Во таа смисла, се нагласи и насоката – тој нов Закон да донесе подобри услови за вработување и во јавниот и во приватниот сектор – за сите категории лица со попреченост.

Меѓу другото, дел од дискутантите го истакнаа и поздравија стремежот да се исфрлат од употреба застарените поими „инвалид“, „инвалидно лице“, „инвалидитет“, „инвалидност“, коишто многумина ги сметаат за навредливи.

По другите забелешки коишто ги имаа дискутантите за нацрт-законот, особено беше нагласена потребата од задолжително поголемо учество на најзасегнатите – лицата со попреченост и нивните здруженија кои би вршеле и подиректен надзор во процесот. Но, и потребата овие граѓани да не чекаат повеќе на делотворен и достоен Закон за вработување, зашто општиот впечаток е дека тие веќе чекаат предолго.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ