петок, 12 декември 2025

СДСМ обвини за перење пари преку Алтa банка, ВМРО-ДПМНЕ праша дали СДСМ е опозиција во Србија

Банкарот на српскиот претседател Александар Вучиќ стана банкар и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски! Пред само два месеци српската Алта банка ја презеде Стопанска Банка АД Битола, а согласност за тоа дал гувернерот на НБРМ, обвини денеска Александар Саша Димитријевиќ, член на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ вратија и прашаа дали СДСМ е опозиција во Србија или во Македонија и дали има нешто коешто поранешниот и актуелниот лидер на СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче го кријат од јавноста во Македонија за некаков бизнис во Србија.

Објавено на

часот

Сподели

Димитријевиќ праша дали купувањето на Стопанска банка Битола од страната на српската Алта банка е причината поради која Трајко Славевски беше избран за гувернер НБРМ, „само за тивко и експедитивно да се реализира токму оваа зделка?“

„Но клучното прашање е, што се крие зад оваа зделка? Зошто веднаш по доаѓањето на власт на ДПМНЕ се реализираат вакви дилови? Сопственик на Алта Банка е Давор Мацура од соседна Србија. За краток период од сопственик на мала менувачница во Земун, станува сопственик на банка, земјишен магнат, инвеститор, кој има договори со огромни државни компании во Република Србија. Последно, на банката која до вчера била менувачница и е даден огромен државен бизнис на Електростопанството на Србија, а тоа се сметките за струја. Но, кога Мацура се обидел да се прошири и во ЕУ, односно да купи речиси 20 проценти од уделот во австриската Адико банка, Европската централна банка му го суспендирала правото поради сомнеж за потеклото на капиталот. Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари. Како тоа Европската централна банка има преземено ваков ригорозен чекор а Трајко Славевски и НБРМ без размислување го дозволиле преземањето во Македонија?“, рече Димитријевиќ.

Тој обвини дека купопродажбата на Стопанска банка Битола е нераскинливо поврзана со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

„Дали ова значи отворање на патот за селење на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија. Бараме Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање. Бараме да се испитаат потеклото на парите и ризикот од перење пари. Македонија не смее да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди! АКТ продолжува! Работата не е завршена!“, рече Димитријевиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ вратија и прашаа дали СДСМ е опозиција во Србија или во Македонија и дали има нешто коешто поранешниот и актуелниот лидер на СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче го кријат од јавноста во Македонија за некаков бизнис во Србија.

„Навистина сме вчудоневидени. Повеќе од десетина, СДС сака да продаде некаква приказна за српски свет во државата, но тешко им оди. Не ја научија лекцијата која им ја одржаа граѓаните, а на следните избори добро е ако имаат и 100.000 гласови. Прашањето кое го поставуваме е дали СДС е опозиција во Србија или во Македонија? И зошто се толку опседнати со наша соседна држава? Дали има нешто коешто Заев и Филипче го кријат од јавноста во Македонија за некаков бизнис во Србија па затоа се гласни? Дали преку нашиот северен сосед, Заев купувал акции во индиска авиокомпанија? Чии банкарски интереси во Македонија штити? На лагите на СДС им се кратки нозете. ‘Бомбите” што ги промовираат, освен чад, не ‘пукаат”’, вратија од ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ