Во образложението на предлагачите на измените меѓу другото пишува дека измените се во насока на допрецизирање на одредбата за поголема контрола и соработка со родителите и училишниот совет.
„Училиштето се грижи за здравјето на учениците преку обезбедување информации базирани на научни и медицински сознанија, промовирање на почитување на различностите, човековите права и еднаквоста меѓу половите, во соработка со родителите и училишниот совет“, пишува во изменетиот член на Законот за основно образование.
Пратеникот Антонијо Милошоски на вчерашната собраниска седница рече дека еднаквоста помеѓу мажите и жените треба да се разликува прецизно и добронамерно од терминот родов идентитет кој што има сосема друга конотација.
„Немам ништо против невладината организација Хера да продолжи да прави проекти. Можеби за тоа имаат и одредени финансии, донации или експертиза, но сепак мнозинството родители и ученици во Македонија очекуваат ние како пратеници да ја штитиме еднаквоста помеѓу мажите и жените без било каква манипулација“, рече Милошоски.
Писмо за поддршка до пратеникот испратија од Коалицијата за заштита на децата, за како што велат оттаму, неговите заложби за прочистување на Законот за основно образование од родовата идеологија.
Од коалицијата велат дека иако сѐ уште постојат можности за унапредување на законот и „отстранување на потенцијалните проблематични делови, како што се недефинираните термини ‘различности’ и ‘еднаквост на половите’“, сепак тие ја поздравуваат најновата “позитивна промена“.
„Стоиме на ставот дека децата не треба да бидат изложени на теории и концепти какви што се родовата идеологија и раната сексуализација, кои не само што не се во согласност со биолошките и начините факти, туку имаат и негативен ефект на нивниот психолошки и емоционален развој. Образовните програми на оваа тема можат да предизвикаат сериозен стрес, анксиозност и несигурност кај децата и младите луѓе и истите ги поткопуваат темелите на семејните и социјалните вредности кои се изградени врз биолошките разлики помеѓу половите и се клучни за развојот на стабилни и здрави личности. Постои и сериозна потреба од заштита на правата на родителите како единствени одговорни да носат одлуки за сѐ поврзано со своите малолетни деца, вклучувајќи го и видот на образованието што треба да им биде пружено. Имено, образование кое содржи родова идеологија е спротивно на светогледот на речи си сите родители, што го прави непогодно и неприфатливо“, се наведува во дел од писмото на Коалицијата за заштита на децата.