Во извештајот се посочува дека здравствената заштита треба да се обезбеди на примарно, секундарно и терцијарно ниво, а трошоците се на товар на државниот буџет. Министерството за здравство, со поддршка од Советот на Европа, има донесено Стандардни оперативни правила (СОП) за унапредување на здравствените услуги во казнено-поправните и воспитно-поправните установи.
Со СОП е регулирана постапката при прием на лица, идентификација на насилство, редовни лекарски прегледи, следење на ризици како штрајк со глад, самоубиствени намери, самоповредување, ментални и физички заболувања, како и обезбедување стоматолошки услуги. И покрај ваквата регулатива, системските проблеми остануваат.
„Потребно е Министерството за здравство да формира централизирано одделение за координација на здравствената заштита во пенитенцијарните установи, согласно Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем (2021–2025). Но, според Годишниот извештај за имплементација на стратегијата за 2023 година, поради отсуство на кадар ова одделение сè уште не е формирано“, наведува Државниот завод за ревизија.
Како преодно решение е формирана работна група со претставници од Министерството за здравство, Управата за електронско здравство, Здравствен дом Скопје и Фондот за здравствено осигурување. Но, отсуството на централна институционална координација влијае негативно на стандардизацијата на услугите, квалитетот на податоците и нивната навремена размена.
Ревизорите дополнително укажуваат дека правната рамка не предвидува минимален број на потребен медицински персонал во установите. Иако со Националната стратегија било предвидено утврдување на вакви стандарди, до крајот на 2023 година таа активност не е реализирана.
„Како општ стандард, Комитетот за превенција од тортура препорачува во секоја установа да има еден лекар на 300 осудени лица и една медицинска сестра на секои 50 лица. Но, нашата анализа покажува дека овие препораки не се почитуваат во повеќето установи“, стои во извештајот.
Посебно алармантен е примерот на КПД Идризово, каде што е ангажиран само еден лекар на 1.316 осудени лица. Недоволен број на медицински сестри е забележан и во КПД Штип, КПД Прилеп, затворите во Битола, Куманово и Струмица, а во Тетово и Гевгелија воопшто нема ангажирано медицински сестри.