Според наодите од ревизијата, Општина Центар прикажува побарувања во висина од 4.482.480 евра, за кои не е утврдена старосната структура и не е јасно дали постои законска можност за нивна наплата. Исто така, констатирани се значителни неправилности во процесот на јавни набавки, кои го нарушуваат доследното почитување на законските начела утврдени со Законот за јавни набавки.
Ревизијата ги опфати финансиските извештаи и усогласеноста на Општината со релевантната законска рамка за 2023 година. Поради сериозноста на констатираните состојби, неправилности и неусогласености, ревизорите дадоа мислење со резерва за реалноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законите, упатствата и политиките на основните буџетски сметки 630 и 637.
Заклучно со крајот на 2023 година, Општината прикажала ненаплатени побарувања во износ од 276.569 илјади денари, односно 4.482.480 евра, без утврдена старосна структура или правна основа за наплата. Особено проблематично е што побарувањата по основ на надомест за утврдување на статус на бесправно изградени објекти се евидентираат само кога ќе бидат наплатени, без склучени договори за одложено плаќање.
Општина Центар исто така побарува 16.940 илјади денари од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ за минати години, но не покажува побарувања за 2022 и 2023 година.
Во услови на отсуство на прецизни критериуми, во 2023 година се доделени 2.256 илјади денари на спортски здруженија и поединци – што претставува само 13% од средствата од Програмата за спорт и рекреација. Преостанатите 87% (15.000 илјади денари) ѝ се доделени на КК „Работнички“ АД Скопје, без контрола врз трошењето на средствата во последните 9 години.
Општината исплатила 984 илјади денари за адвокатски услуги врз основа на месечни паушали, наместо врз основа на конкретни извештаи и активности. За зимско одржување на улиците се исплатени 2.596 илјади денари без докази за ефективна работа на возилата. Дополнително, изнајмен е простор за читална без јавен повик, за што се исплатени 735 илјади денари, иако истиот не е во функција.
Во изградбата на нова градинка во населбата Пролет, вредна речиси 3 милиони евра, не се почитувани одредбите од Законот за градење. Анексите содржат нови работи надвор од основниот проект, но не е изработен дополнителен проект, ниту проект на изведена состојба.
Во јавната набавка за систем за дигитализација и паметно јавно осветлување (113.295 илјади денари без ДДВ), утврдена е неделивост на постапката, иако техничката спецификација содржи различни ставки, што ја ограничува конкуренцијата. Склучени се анекси за непредвидени работи вредни 2.542 илјади денари, без објаснување за отстапувањата од основниот договор.
Реконструкцијата на улицата Аминта Трета (поранешна Ленинова), вредна 48.708 илјади денари, е спроведена со проблеми. Дел од позициите, особено водовод и канализација, не се изведени согласно проектот. Надзорот ја намалил вредноста за 244 илјади денари, но тоа не било предвидено во договорот.
ЈП „Водовод и канализација“ три пати ја проверувало новата атмосферска канализација и не извршило технички прием поради непочитување на проектот. Подоцна е склучен договор со Општината за доизведба и приклучување на водоводната мрежа.
Во тендерот за реконструкција на фасадата и кровот на ЈУДГ „13 Ноември“, објект Јасмин, вкупно вреден 11.651 илјади денари, бил поставен несразмерен услов економскиот оператор да има годишен приход од 24.000 илјади денари – повеќе од двојно од проценетата вредност на набавката, што не е во согласност со Законот за јавни набавки.
За сите утврдени состојби, Државниот завод за ревизија дал препораки до надлежните институции и одговорните лица со цел да се преземат мерки и активности за подобрување на работењето, транспарентноста и почитувањето на законската регулатива.