Според наодите, употребата на ВИ во стратешките документи најчесто се појавува како дел од пошироки цели, без конкретни акциски планови или координиран пристап. Инфраструктурните инвестиции, како суперкомпјутери, дата-центри и специјализирани системи за обработка на големи податоци, се незначителни, а недостигот на такви ресурси ја ограничува практичната примена на ВИ во јавниот сектор.
Во периодот 2018–2023 година, преку Фондот за иновации и технолошки развој биле финансирани 48 проекти со елементи на ВИ во вредност од 6,1 милион евра, но ниту еден не бил имплементиран во јавните институции. Недоволната промоција и отсуството на јавен регистар ја намалуваат нивната видливост и можноста за поширока примена.
Еден од ретките јавни проекти – дигиталниот асистент АДА, промовиран во 2023 година за зголемена транспарентност и информирање на инвеститорите – веќе не е во функција поради непотпишување нов договор за одржување, иако чинише 150 илјади евра.
Иако 96,99% од населението има покриеност со 5G мрежа, Македонија сè уште нема современа дигитална инфраструктура, а технолошкиот парк во Скопје, и покрај најавите, не е изграден.
Во поглед на човечки ресурси, универзитетите како ФИНКИ и ФЕИТ имаат значителен капацитет со над 1.900 трудови поврзани со ВИ, но недостасува формализирана соработка со јавниот сектор. Потенцијални проекти како моделот за препознавање говор „Буки“ и пилот-системот за бројот 112 остануваат ограничени поради финансиски и правни пречки.
Ревизијата укажува и на сериозни слабости во заштитата на личните податоци при примена на ВИ. Иако законската рамка е усогласена со европските стандарди, контролата и институционалната координација се недоволни.
ДЗР заклучува дека, за да се искористи потенцијалот на вештачката интелигенција, потребни се итни мерки – од носење национална стратегија и изградба на инфраструктура, до воспоставување етички стандарди и обезбедување квалификуван кадар.






