Јавното усно наддавање го организира извршителот Николче Диневски од Битола. До ваквата разврска дојде откако не се спроведе купопродажниот договор меѓу Огњан Циговски и Епинал холдинг. На продажба е вушност 80 отсто од имотот на Ресорт Маврово.
Во јули МКД.мк објави дека бизнисменот Огњан Циговски продаде 80 отстотен удел во Ресорт Маврово на австралиски бизнисмен по потекло од Македонија. Но кратко по потпишувањето на договорот Циговски имал проблеми со наплатата на договореното, па работата дошла до извршител.
Купувач на Ресорт Маврово е Љубе Кутлешоски од Австралија, односно неговата компанија „Бесијан холдингс ПТИ ЛТД“ која е сопственик на хотелот Епинал во Битола. Во целата оваа зделка се споменува и уште една австралиска компанија „Македонија ПТИ ЛТД“.
На 20 мај бил потпишан договор за пренос на удел, со кој уделот на содружникот Огњан Циговски беше пренесен на новиот содружник Епинал холдинг ДООЕЛ Битола. Договорот предвидува купувачот да ја доплати купопродажната цена на две рати, од кои првата доспеваше на 1 јуни. Како обезбедување за исплатата, купувачот во својство на нов содружник го заложи новостекнатиот удел. Купувачот не ја изврши исплатата во договорениот рок, со што доплатата на целосната купопродажна цена доспеа во целост, по што беше покрената постапка за реализација на заложното право.
Во октомври Кутлешовски на прашањето на МКД.мк за неговите планови за претстојната зимска сезона одговори: Што ви е гајле дали ќе има скијање во Маврово? Е нема да има!
Инаку, според австралиските медиуми семејството Кутлешовски работеле градежни работи, а во неколку случаи имале проблеми со судските власти во Мелбурн. Стефче Кутлешовски и извесен Раман Шакири биле во затвор и казнети со 400 илјади австралиски долари откако илегално демолирале стар ирски паб, кој бил сметан за заштитено културно наследство.
А.Д.






