Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби придружуван од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, претседаваше со работната група од областа на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот.
Четвртата работна група во чиј фокус се културата, образованието и науката, туризмот, како и младите и спортот, реши како задача да преземе чекори за изработка на сеопфатна програма за соработка во овие области.
Груби го изрази својот оптимизам за позитивната атмосфера и постигнувањето на многу заеднички проекти меѓу двете земји.
„Многу позитивна атмосфера и многу топло гостопримство од нашите бугарски колеги и штотуку ја завршивме првата седница на комисијата за култура, образование и наука, млади и спорт и туризам и јас сум огромен оптимист за постигнувањето на многу заеднички проекти кои ќе ги реализираме во следните месеци, потпишуваме многу меморандуми за соработка меѓу двете страни и ценам дека оваа седница на комисијата, но и пленарната седница што ќе следи ќе биде успешна и убеден сум во многу оптимистички резултати од целата наша посета на Софија“, нагласи Груби.
На седницата на работната група за образование, култура, наука и млади беа дефинирани заедничките приоритети во овие области: објавување на огласот за лого и слоган на заедничките владини седници, составување на заеднични културен календар, унапредување на соработката меѓу универзитетите од нашите земји за поатрактивни студиски програми, размена на искуства и можност за практична настава, организација на заеднички научни конференции, организирање на еден фудбалски натпревар меѓу владините кабинети, интензивирање на соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт на Македонија и Министерството за млади и спорт на Бугарија, заемно промовирање на атрактивните туристички дестинации и продлабочување на соработката во областа на туризмот како силна предиспозиција на економскиот развој.
Седницата меѓу двете влади во Софија е важен чекор кон решенија од заеднички интерес кои ќе донесат придобивки за нашите народи и заедничка иднина во Европската Унија, реќе Груби.






