„‘Скопје 2028’ не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба. Токму затоа Град Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање културно-уметнички проекти во рамките на програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Со отворањето на овој конкурс Скопје влегува во нова фаза, во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти. Проекти што нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем“, велат од Град Скопје.
За таа цел, како што нагласуваат, бараат проекти со силен концепт и јасна европска димензија, општествена и културна вредност, професионална реализација и подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес.
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело „Скопје 2028“, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.

Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, во согласност со добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација. Тоа е заедничка обврска кон Европа дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми. Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец, кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Од таму нагласуваат дека ова е еден од неколкуте повици што ќе бидат објавени во иднина.






