Во духот на инспирацијата и поддршката, ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски ги охрабри дипломците и магистрите на Универзитетот Скопје да најдат време за многу важни аспекти од животот – работа, размислување, играње, читање, љубов и радост. Во својот говор им порача дека семејството е татковина на љубовта – токму такво големо семејство е Универзитет Скопје, со дипломците, магистрите, нивните родители и сите присутни гости.

„Нашиот Универзитет е светилник на надежта, а надежта е вкоренета во решенијата кои секојдневно ги создаваме. На нашиот Универзитет има експертиза за поефикасно спроведување на знаењето во кое се втемелени вашите вештини и компетенции, а ние како академски кадар мора да се осигураме дека нашето образование е релевантно и дека можеме да ги задоволиме потребите на ова наше македонско општество. Драги мои дипломци и магистри, заедно со вас ќе ја направиме нашата татковина подобро место за живеење“, истакна ректорот Миленковски.
Тој особено им се заблагодари на своите колеги и пријатели што несебично придонесуваат кон развојот на науката, високообразовната дејност и економијата. Универзитетот Скопје додели и признанија на истакнати научници и интелектуалци – проф. д-р Антонио Карлес Рамирез и м-р Марјан Ѓорчев, за нивниот придонес за развој на високото образование и економијата.

Свечената промоција стартуваше со балетот „Simply the best“ во кореографија на Олга Панго, чија изведба низ музика и игра ги доловија сите важни мигови во образованието на една личност.
На свечената промоција во МОБ беа прогласени и студентите на генерација. Најдобрите дипломци и магистри се заблагодарија на академскиот кадар, нивната посветеност и професионалност.






