„Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа, потврдуваат од Основниот суд Кочани.
Сите 19 новосомничени лица, како и претходните 27 физички и три правни лица, за кои беше поведена истрага, се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Од новоосомничените, тројца се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување покрај претходно еден директор кој е веќе во постапка, еден генерален инспектор во Дирекција за заштита и спасување, тројца министри за економија, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во ДПИ.
„Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот ‘Пулс’ во Кочани“, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на новинарско прашање, на денешната прес-конференција.