Jавноста беше згрозена од административните пропусти, како што беше седумдневното автоматско бришење на полициските снимки, но правосудниот систем на Швајцарија испрати моќна лекција. Пропустот во доказната постапка не беше искористен како изговор за правен хаос, туку како мотив за уште попрецизно лоцирање на одговорноста.
Од првиот ден, Италија не ја третираше несреќата како „туѓа“ трагедија, туку како прашање на национална болка и државен авторитет бидејќи многу од жртвите беа италијански државјани. Но клучната лекција не е во тоа колку силно се крена гласот од Рим, туку во тоа како Берн oдговори. Швајцарската влада изрази разбирање за шокот и болката, но ја нагласи независноста на судството и принципот на поделба на властите.
Швајцарското обвинителство, наспроти сите обвинувања за „бавност“, одби да ја жртвува презумпцијата на невиност за да го задоволи гневот на толпата. Тие се водеа од принципот дека секоја избрзана квалификација може да ја компромитира крајната цел – правдата. Наместо популистички апсења, тие се свртеа кон макотрпна анализа на алтернативни докази, вклучувајќи приватни снимки и вештачења на материјалите. Оваа смиреност не беше знак на слабост, туку на врвна институционална зрелост.
Италијанскиот притисок и дипломатскиот преседан
Притисокот врз Швајцарија не беше само внатрешен и случајот веднаш доби огромна меѓународна димензија. Италијанската премиерка Џорџа Мелони упати остра критика, особено по одлуката за ослободување на сопственикот Жак Морети со кауција од 200.000 франци. На 23 јануари, таа изјави: „Ова го сметам за навреда на сеќавањето на жртвите од новогодишната трагедија и навреда за нивните семејства“.
Тензиите ескалираа до меѓународен скандал. Медиумите како Ле Фигаро на 30 јануари во текстот „Пожар во Кран Монтана: снимките од градскиот видео надзор не се зачувани“ дополнително го подгреваа незадоволството кај семејствата. Италијанската влада дури се одлучи на драстичен чекор – повлекување на амбасадорот на консултации, што е дипломатски сигнал од највисок степен на итност. Сепак, швајцарскиот одговор остана ист: правдата не е прашање на дипломатија, туку на закон.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, изјави дека ослободувањето на сопственикот претставува „вистинска навреда за чувствата на семејствата кои ги загубија своите деца“. Овој огромен политички притисок од Рим имаше за цел да осигура дека истрагата нема да застане пред административните бариери.
Барања за транспарентност: Од „маскарада“ до заедничка истрага
Терминот „маскарада“ почна да доминира во медиуми како РТС и Ле Фигаро, опишувајќи го првичниот институционален одговор. Правните застапници на жртвите, како адвокатот Кристоф де Галембер, алармираа дека „ризикот од исчезнување на клучни докази е поголем од кога било“.
Но, наместо да влезе во дефанзива, Швајцарија одговори со радикална транспарентност. Тие ја отворија истрагата за италијанските обвинители и дозволија увид во сите материјали. Заедничките технички состаноци планирани за февруари имаат за цел да ја координираат процедурата. Овој потег на траснпарентност доведе до смирување на јавниот дискурс. Стана јасно дека обвинителството не бара изговори, туку гради случај кој ќе биде правно непобитен. Како што објавија AФП и СРФ Радио на почетокот на февруари, истрагата дури се прошири и на двајца раководители на служба за јавна безбедност поради несоодветни инспекции од 2019 година.
Критика за македонскиот „стихиен“ пристап
Овој швајцарски модел на почитување на процедурите, дури и под најголем притисок, е дијаметрално спротивен на македонската реалност. Во македонскиот контекст, како кај случајот со модуларната болница или пожарот во Кочани, често гледаме како институциите реагираат стихијно. Таму, притисокот на јавноста често диктира кој ќе биде обвинет уште пред да заврши вештачењето.
Додека во Швајцарија секој потег е насочен кон заштита на правниот интегритет, во Македонија пропустите често се користат за политички препукувања и „разводнување“ на одговорноста. Швајцарската правда нè учи дека силниот притисок не смее да значи избрзани обвиненија. Напротив, тој треба да биде филтер низ кој ќе поминат само најцврстите докази.
Случајот Кран Монтана ни покажува дека презумпцијата на невиност не е аболиција за виновните. Тоа што полицијата нема снимки, не го менува фактот дека Морети поставиле запалива пена и ги завариле излезите за итни случаи. Но, начинот на кој се доаѓа до таа вистина е она што ја прави разликата меѓу сериозна држава и правен хаос. Швајцарската смиреност го победи меѓународниот гнев, докажувајќи дека само преку почитување на правото, а не преку популизам, жртвите можат да го добијат заслужениот спокој.
Р.Ф.
(Во серија текстови ќе се обидеме да дадеме паралела за трагедиите во Кочани и во Кран Монтана и начинот на кој швајцарските и македонските институции ја водат истрагата. За разликите во одговорот на институциите и поинаквото разбирање на концептот на одговорност со акцент на индивидуалната вина и конкретните дејства, наместо широка и генерализирана системска одговорност, како во случајот во Македонија.)
Кој е Жак Морети, сопственикот на објектот во кој згаснаа десетици млади животи?






