Како што информира РКЕ, во согласност со Законот за енергетиката и Статутот на РКЕ, сè додека не се донесе одлука за престанок на функцијата, Бислимоски ќе ја извршува функцијата.
„Бислимоски денеска го извести Собранието дека поднесува оставка од функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските што ги има во согласност со Законот за енергетиката“, наведува Регулаторната комисија и додава дека вработените и членовите во РКЕ јавно му се заблагодаруваат за долгогодишната соработка.
Бислимоски ја извршуваше функцијата претседател на РКЕ речиси осум години.
Управата за финансиска полиција (УФП) пред две недели му поднесе кривична пријава на Бислимоски под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Бислимоски, според УФП, не постапил според Законот за енергетиката и не ѝ ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и таа е одземена дури во април 2025 годин, што ѝ овозможило на компанијата во тој период да оствари промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од речиси 229 илјади евра.
Бислимоски потоа на прес-конференција рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции со цел да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата на компанијата не било направено никакво прекршување на законската регулатива.






