недела, 14 декември 2025

Претседателката на ЕК смета дека е време ЕУ да се ослободи од оковите на консензусот

Ако сакаме да обезбедиме Европската Унија да биде поефикасна и да може да испорачува резултати за Европејците, потребно е промена на начинот на носење одлуки, нагласи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во годишното обраќање пред Евроpпскиот парламентот познато како „Состојбата на Европската Унија“.

Објавено на

часот

Сподели

„Верувам дека треба да преминеме на одлучување со квалификувано мнозинство во некои области, на пример во надворешната политика. Време е да се ослободиме од оковите на консензусот“, порача Фон дер Лајен.

Според неа, токму сега се исцртуваат бојните линии за новиот светски поредок, заснован на моќ и затоа Европа мора да се бори за своето место во свет во кој многу големи сили се или амбивалентни, или отворено непријателски настроени кон неа.

„Тоа е борба за континент кој е целовит и во мир. За слободна и независна Европа. Борба за нашите вредности и нашите демократии. Борба за нашата слобода и нашата способност сами да ја одредиме нашата судбина. Немојте да се залажувате – ова е борба за нашата иднина“, рече Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека фундаментално ЕУ е мировен проект, но во услови на денешниот немилосрден свет, таа не може да ги занемарува тешкотиите што Европејците секојдневно ги чувствуваат – промените на Земјата, влијанието на глобалната криза и повисоките трошоци за живот.

„Тие ја чувствуваат брзината на промените што влијаат на нивните животи и кариери и тие се грижат за бескрајната спирала на настани што ги гледаат на вестите – од разорните сцени во Газа до немилосрдниот руски напад врз Украина. Едноставно едвај чекаме да помине оваа бура“, рече Фон дер Лајен.

Според неа, во услови на свет на империјални амбиции и империјални војни мора да се појави нова Европа.

„Ова мора да биде Моментот на независноста на Европа. Верувам дека ова е мисијата на нашата Унија. Да можеме да се грижиме за сопствената одбрана и безбедност, да ја преземеме контролата врз технологиите и енергиите што ќе ги напојуваат нашите економии, да одлучиме во какво општество и демократија сакаме да живееме, да бидеме отворени кон светот и да избираме партнерства со сојузници, и стари и нови. На крајот на краиштата, станува збор за слобода и моќ да ја одредиме сопствената судбина. Знаеме дека можеме да го направиме тоа“, рече Фон дер Лајен.

Поради начинот на одлучување со консензус во ЕУ за надворешната политика и проширувањето, Македонија со децении не може да напредува на својот евроинтегративен пат. Таквиот начин на одлучување им овозможува(ше) на Грција и Бугарија да ставаат вето за Македонија во различни фази на процесот на евроинтеграциите, за прашања што се надвор од Копенхашките критериуми за проширување.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ