петок, 13 февруари 2026

Предметот Македонски јазик и култура ќе се изучува во уште едно училиште во Хрватска

Во хрватскиот град Света Недела, во близина на Самобор, свечено беше одбележан почетокот на наставата за изборниот предмет Македонски јазик и култура. Иницијативата е на професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која овој предмет веќе го предава во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.

Објавено на

часот

Сподели

„Со поддршка од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ, како и со помош од  Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, дојде до реализација и почеток на програмата. Присутните на почетокот на наставата сведочеа за детски насмевки и исполнети желби на најмладите, кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа овој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и пријателите што ги имаат во нивното училиште, што е доказ дека во обичните животи на Македонците во дијаспората може да се случат убави и важни настани“, соопшти Иван Антоновски, профсор од Филолошкиот факултет на УКИМ.

На работен состанок, кој се одржал минатата недела во училиштето во Света Недела, присуствувале и амбасадорот во Хрватска, Драган Ѓурчевски, советничката за култура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, и началникот на Секторот за малцинства при Министерското за наука, образование и млади на Република Хрватска, Милан Вукелиќ.

„Домаќини на настанот беа директорот на подрачното училиште ‘Стрмец’, Звонимир Маркиќ, кој со голема радост ја прифати идејата од самиот почеток, градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, заменик-градоначалникот Марио Пшеничњак и советничката за односи со јавноста, Ања Блажина-Болјевиќ. Вукелиќ на состанокот нагласи дека Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска континуирано го поддржува образованието на јазикот и писмото на националните малцинства бидејќи е начин на кој се создава инспиративна средина, каде што слободно учиме едни за други и едни од други“, информира Антоновски.

Предметот Македонски јазик и култура во Хрватска го учат 108 ученици во осум основни училишта во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит и во три гимназии во Загреб, Риека и Осиек.  Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, како и други ученици, изборен е и се внесува во свидетелствата на учениците.

„Со ова Република Хрватска се вбројува меѓу ретките земји што овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, кои се признати и во Уставот“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ