понеделник, 29 декември 2025

Пратениците денеска треба да гласаат за новиот Закон за Судскиот совет

Собранието денеска ќе го разгледува дополнетиот предлог на Законот за Судскиот совет во второ читање. Главната цел на законските измени е да ги отстранат досега утврдените слабости во постојната правна рамка и да обезбедат пофункционален, транспарентен и отчетен Судски совет.

Објавено на

часот

Сподели

Клучни новини кои се предвидени со законот се јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.

Воедно, предвидено е и зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите, јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет.

Значајна новина е и воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите, утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет и бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на Европската Унија.

На 79. седница на Собранието на дневен ред во второ читање е и предлог на закон за дополнување на Законот за јавните патишта, но не се исклучува да бидат образложени и други закони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ