недела, 13 јули 2025
Најмногу слободни места во стручно образование, најмалку за ученици на српски наставен јазик

Познати резултатите од првото пријавување во средните училишта, второто пријавување ќе се одржи на 30 јуни

Првото пријавување на учениците за упис во средните училишта се реализираше преку електронско аплицирање од 14 до 17 јуни 2025 година, а доставувањето на потребната документација се одвиваше во периодот од 18 до 19 јуни. Ранг листите беа објавени на 20 јуни.

Објавено на

часот

Сподели

Согласно конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2025/2026 година во Македонија, објавен во март годинава, во училиштата каде што во ранг листите има поголем број ученици со исти бодови, ќе се спроведе квалификациско тестирање.

Тестирањето ќе опфати материјал од осмо и деветто одделение, а предметите се определени според видот на образованието: за гимназиско образование – мајчин јазик и математика, за здравствена струка – биологија и хемија, а за другите струки – мајчин јазик и математика.

Оваа година квалификациското тестирање ќе се одржи на 23 јуни во следните училишта: СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје за здравствената струка на албански наставен јазик за профилите медицинска сестра и забен техничар, СУГС „Георги Димитров“ – Скопје за гимназиско образование на македонски наставен јазик и СОМУ „Гостивар“ – Гостивар за здравствената струка на албански наставен јазик за профилот медицинска сестра. Конечните ранг листи со резултатите од тестирањето ќе се објават истиот ден, на 23 јуни.

Во првото пријавување, вкупно се пријавиле 16.601 ученик. Од нив, 11.709 аплицирале за настава на македонски наставен јазик, 4.533 за настава на албански, 346 за турски и 13 ученици за настава на српски наставен јазик. Од вкупниот број пријавени, запишани се 13.712 ученици: 10.172 на македонски наставен јазик, 3.248 на албански, 279 на турски и 13 ученици на српски наставен јазик.

Според видот на образованието, од запишаните ученици 4.243 се во гимназиско образование, додека 9.469 во стручно образование.

Конкурсот за запишување ученици е целосно завршен за гимназиско образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола и СУГС „Никола Карев“ во Скопје. Во делот на стручното образование, конкурсот е завршен во низа училишта низ различни сектори.

Во секторот за градежништво и геодезија запишувањето е затворено во СГГУГС „Здравко Цветковски“ – Скопје за профилот архитектонски техничар. Во секторот графичарство запишувањето е завршено во СОУ „Таки Даскало“ – Битола за графички уредник – дизајнер и графички техничар.

Во секторот економија, право и трговија конкурсот е завршен во училиштата „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, „Љупчо Сантов“ во Кочани, „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, „Цветан Димов“ во Скопје, „Јане Сандански“ во Струмица, „Перо Наков“ во Куманово, „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка, СЕПТУГС „Васил Антевски Дрен“ во Скопје, „Шаип Јусуф“ во Скопје и ОСЕУ „8 Септември“ во Тетово, каде се запишани ученици во квалификации како економски техничар, бизнис администратор, техничар за е-трговија и дигитален маркетинг и други.

Во секторот електротехника и информатички технологии местата се пополнети во ДСУРЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес, ОСТУ „Гостивар“, СОУ „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка, СОУ „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп, СУГС „Владо Тасевски“ во Скопје и СОУ „Никола Карев“ во Струмица. Квалификациите опфаќаат профили како електротехничар за компјутерска техника и автоматика, техничар за индустриска мехатроника и електротехничар за енергетика.

Во секторот здравство и социјална заштита, пополнети се местата во училиштата „Мирко Милески“ – Кичево, „Исмет Јашари“ – Липково, „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје, „Цветан Димов“ – Скопје, „Марија Кири Склодовска“ – Скопје, „Димитар Влахов“ – Струмица, како и во „Јане Сандански“ – Штип, каде учениците се запишани на профили како медицинска сестра, забен техничар, физиотерапевтски техничар, фармацевтски техничар и гинеколошко-акушерска сестра.

Во секторот лични услуги, запишувањето е завршено во училиштата „Димитар Влахов“ – Скопје и „Сарај“ – Скопје за профилите техничар за козметичка нега и фризер.

Во секторот сообраќај, транспорт и складирање, конкурсот е затворен во „Св. Наум Охридски“ – Охрид, „Коле Неделковски“ – Велес и „Владо Тасевски“ – Скопје за профилите техничар за патен сообраќај, техничар за транспорт и шпедиција и техничар за логистика во сообраќајот.

Во секторот угостителство и туризам, местата се пополнети во училиштата „Коле Неделковски“ – Велес и „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, а во секторот хемија и технологија во училиштата „Марија Кири Склодовска“ – Скопје, „Димитар Влахов“ – Струмица и „Нико Нестор“ – Струга. Во овие училишта се реализирани уписи за профили како хемиски лабораториски техничар, прехранбен техничар и техничар за козметички и хемиски производи.

Во секторот шумарство и обработка на дрво, запишувањето е завршено во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје за профилот техничар за мебел и ентериер.

За второто пријавување има вкупно 16.034 слободни места. Од нив, 10.758 се за ученици кои ќе следат настава на македонски јазик, 4.781 на албански, 474 на турски и 21 место на српски наставен јазик.

Во делот на гимназиското образование, има 3.727 слободни места, од кои 2.117 на македонски, 1.432 на албански, 157 на турски и 21 на српски наставен јазик. Во стручното образование, остануваат 12.307 слободни места, од кои 8.641 на македонски, 3.349 на албански и 317 на турски наставен јазик.

Второто пријавување на учениците ќе се врши електронски на 30 јуни. Доставувањето на потребната документација до училиштата ќе се одвива на 1 јули. Ранг листите ќе се објават на 2 јули до 12:00 часот на јавно место во училиштето и/или на интернет-страницата на училиштето. Квалификациското тестирање за второто пријавување ќе се организира на 4 јули, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават истиот ден на огласната табла на училиштето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ