На средбата, како што посочија двајцата министри на заедничката прес-конференција, се осврнале на одличните билатерални односи, изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Било поздравено и тридецениското пријателство и одличната трговска соработка, која бележи континуиран нагорен тренд во изминатиот период.
Во тој контекст, од страна на двајцата министри беше констатирано дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште позасилена динамика.
Двајцата министри разговарале и за перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и засилената и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, која е насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ, со цел да се овозможи стабилизирање и подобра перспектива за нашата земја и за земјите од регионот.
Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со несмалено темпо и во претстојниот период, имајќи го предвид и неодамна потпишаниот Акциски план за споделување на знаење во однос на ЕУ-пристапувањето помеѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.
Министрите разговарале и за сојузништвото и одличната соработка во рамки на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и трансатлантската стабилност.
Во рамките на посетата беа потпишани и договор за соработка на владино ниво и договор за соработка во делот на образованието. Имено, министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа Договор за стратешка соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Унгарија, додека од страна на министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на програмата Стипендиум Хунгарикум (Stipendium Hungaricum) за годините 2026–2028.
Македонските студенти ќе можат да користат 20 стипендии годишно за да студираат во Унгарија на унгарски или на странски јазик. Од Министерството за образование и наука денеска соопштија дека приоритет ќе имаат апликанти кои сакаат да студираат во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ), како и медицински и здравствени науки и земјоделство.
Меморандумот предвидува студентите да добиваат платена школарина, сместување во студентски домови во кампусот на високообразовната институција или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги, користење на бесплатни библиотечни услуги, како и месечен надоместок за покривање на основните трошоци.
„Министрите Јаневска и Сијарто се согласија дека потпишувањето на меморандумот ги потврдува и јакне пријателските односи меѓу двете земји и ја унапредува соработката во областа на високото образование, во интерес на развој на општество базирано на знаење, се наведува во соопштението.
Стипендиите ќе се доделуваат за редовни додипломски, постдипломски, едностепени магистерски студии и за докторски студии. Исто така, и за скратени студии од три до десет месеци за стекнување академски кредити