вторник, 16 декември 2025

После премиерот и министрите Лимани и Дурмиши ќе бараат чаре за демографската криза

Отвораме процес на инклузивен дијалог за справување со негативните демографски трендови, процес што не е предизвик само за нашата држава туку и за голем дел од земјите на ЕУ и други во светот, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. И министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на панелот „Влијание и справување со предизвиците на демографските трендови“, во рамки на настанот посветен на демографијата како стратешко прашање за иднината на земјата. Претходно, на истиот настан, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е време за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, дека тоа е главен императив на Владата, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така, рече Мицкоски, ќе се живее со повеќе срце.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Лимани најави финансиска помош и даночни ослободувања кои ќе бидат во функција на националните демографски политики.

„Предизвиците бараат заеднички координативен одговор и затоа почнуваме конструктивен процес за градење демографска отпорност на нашата држава. Преку партнерство со институциите, стопанските комори, синдикатите, академската заедница и граѓанскиот сектор можеме да обезбедиме стабилна иднина за нашата држава. Демографската обнова мора да биде севкупна, да ги опфати популациските, миграциските, семејно станбените, економските, социјалните, даночните и регионалните аспекти. Нашата мисија е јасна, да изградиме држава во која секој млад човек гледа иднина, секој постар човек чувствува грижа, а секој граѓанин е дел од решението“, посочи министерот Лимани.

Во изјава за медиумите, министерот за социјална политика, демографија и млади, издвои дел од мерките кои министерството планира да ги воведе во наредниот период.

„Планираме зголемување на еднократна финансиска поддршка за првородено дете, драстично зголемување на еднократна финансиска поддршка за второ дете, воведување еднократна финансиска поддршка за родени близнаци, планираме поврат на данок на личен доход, создавање можност за секоја жена без разлика на имотната состојба или бројот на децата да добие шест бесплатни инвитро оплодувања, намалување на листата за чекање за сместување во детски градинки, даночно ослободување во висина од 30.000 евра за отворање на приватна детска градинка, се обврзуваме да понудиме неколку типови готови проекти за изградба на детски градинки, воведување асистенти и стручни соработници во детските градинки, а имаме и други владини мерки“, нагласи министерот Лимани.

И министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на панелот „Влијание и справување со предизвиците на демографските трендови“, во рамки на настанот посветен на демографијата како стратешко прашање за иднината на земјата.

Министерот Дурмиши истакна дека демографските трендови – како што се намалувањето на наталитетот, иселувањето на младите и стареењето на населението – се економска реалност што бара системски пристап и долгорочни решенија.

„Нашиот одговор не е декларативен, туку конкретен, проактивен и темелен на реални податоци и потреби. Преку инвестиции во човечки капитал, активни мерки за вработување и поддршка на локалниот економски развој, ја градиме економијата на иднината“, рече министерот.

Како дел од економските политики што директно одговараат на демографските предизвици, министерот го истакна Оперативниот план за вработување за 2025 година, во вредност од 40 милиони евра, преку кој се поддржуваат над 10.000 граѓани со обуки, практикантства, самовработување и грантови за младите претприемачи. Посебен фокус има врз регионите кои се демографски најзагрозени.

„Само со силни локални економии можеме да го ублажиме ефектот на миграциите и да ги задржиме младите во своите заедници. Наша обврска е да обезбедиме еднакви можности за сите – независно каде живеат“, порача Дурмиши.

Министерот повика на заедничка акција и поширока општествена коалиција – меѓу институциите, бизнис-секторот, академијата и граѓанските организации – со цел градење економија што ќе одговара на реалноста, но и ќе ја менува на подобро.

Демографијата е приоритет на македонската влада, изјави Владимир Ѓорчев, национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси.

„Демографијата е приоритетите на оваа Влада и затоа за наредниот период објавуваме мерки кои што се релевантни и се однесуваат на демографијата. Сакаме да чуеме и предлози затоа што мислејќи за иднината не смееме да мислиме само за наредните два-три месеци, напротив треба да мислиме за наредните 10, 20 или 30 години, а во тој дел клучно е прашањето за демографските политики. Во таа смисла ние во моментов ги анализираме буџетските можности што ги имаме, владината програма е за четири години, а во делот на демографските политики има два фундаментални елементи, а тоа е намалување на иселувањето и да се зголеми фертилитетот. Во делот на намалување на иселувањето имаме цела низа инвестиции, Македонија за среќа оваа година во првиот квартел е со највисок раст на БДП во регионот. Во делот на помошта за семејствата важно е семејствата на 1 септември да добијат книги за своите деца, ќе има отворање на нови детски градинки и други мерки важни за поддршка на семејствата“, изјави националниот координатор Владимир Ѓорчев.

Време е за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние кои што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце, рече денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски, на конференцијата „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“ – Развој на стратешки документи за демографска отпорност, која се одржа во Владата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ