понеделник, 16 февруари 2026

Поплави и свлечишта во Полошкиот реон, нормализирана состојбата во Кичево, во Кумановско нема опасност од излевање на реките

Центарот за управување со кризи информира дека до 13:30 часот денеска обилните врнежи од дожд предизвикале проблеми во повеќе региони низ државата. Полошкиот, Кумановскиот, Кичевскиот и Скопскиот регион се најпогодени, со регистрирани поплави, свлечишта и оштетувања на инфраструктурата. Според ЦУК, во северозападниот дел од земјата евидентиран е поголем број интервенции, а во одредени населени места е извршена и евакуација на жители. Од Црвениот крст информираа дека нивните волонтери продолжуваат да бидат на терен и активно да обезбедуваат помош и поддршка за загрозените од поплавите.

Објавено на

часот

Сподели

Како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион, подрачјата што ги покриваат РЦУК Тетово и РЦУК Гостивар бележат поголем број интервенции поради поплави и свлечишта.

Во Тетово е пријавен паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби. Евидентирано е и свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти. Големо свлечиште е регистрирано на улица 195, на патниот правец од село Џепчиште кон село Џермо. Патот е непрооден за цело маало. Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“.

Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.

Во Општина Желино, реката Вардар се излеала во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Од ЦУК велат дека поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.

Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции. Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот. Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита. Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и локално население.

Од ЦУК соопштуваат дека на подраќјето на Куманово, како и во Општина Липково и Општина Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.

Од вчерашните врнежи во село Опае (Општина Липково) поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река. Дел од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре.

Во село Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментов нема опасност. Додека, во населба Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби.

Во Кичево врнежите престанале и нивото на реките е намалено.

„Состојбата во градската болница е нормализирана. Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства. Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка. Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината“, соопштуваат од ЦУК.

Во Скопје, според нивните информации, е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево – Ново Село, во Општина Зелениково.

Засега, како што дополнуваат од ЦУК, нема други пријави.

Од Црвениот крст информираа дека нивните волонтери продолжуваат да бидат на терен и активно да обезбедуваат помош и поддршка за загрозените од поплавите. Тие неуморно работат на дистрибуција на хуманитарна помош, вклучувајќи сместување, храна, вода, топли оброци, душеци, ќебиња и основни хигиенски средства, со цел да им помогнат на семејствата што се соочуваат со тешки последици од временските непогоди, се вели во соопштението од Црвениот крст.

Покрај материјалната помош, велат од Црвен крст, волонтерите даваат и психосоцијална поддршка (ПСС) обезбедувајќи разговор, емоционална поддршка и насоки за справување со стресот и траумата предизвикани од поплавите. Тие помагаат при евакуација, вршат процена на потребите на погоденото население и соработуваат со локалните институции за побрзо и поефикасно справување со состојбата на терен.

Во општина Кичево, како резултат на поплавите, евакуирани и згрижени се вкупно 250 лица. Од нив, 61 се деца, меѓу кои едно дете на возраст од 1 месец, едно од 2 месеца, едно од 7 месеци и 58 деца на возраст од 2 до 10 години. Меѓу евакуираните има и 189 возрасни лица, од кои 102 жени и 87 мажи, како и 11 лица со инвалидитет.

Со материјална штета се засегнати вкупно 362 домаќинства, односно речиси 1.200 лица, кои се соочуваат со последиците од временската непогода.

За привремено сместување на евакуираните обезбедена е спортската сала „Христо Узунов“ во Кичево, каде што им се обезбедуваат основни услови за престој. Надлежните служби и Црвениот крст остануваат на терен и продолжуваат со активностите за помош и поддршка на погоденото население.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ