На состанокот ќе учествуваат лидерите на сите парламентарни партии и коалиции во 47. Народно собрание на Бугарија, неговиот претседавач Никола Минчев, како и потпретседателката на државата Илијана Јотова.
Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија и пратеничка од опозициската ГЕРБ во бугарскиот парламент Екатерина Захариева го критикуваше претседателот Радев поради свикувањето на Советот заради Македонија кога имало многу поважни прашања.
Захариева за БНТ изјави дека Советодавниот совет за национална безбедност не бил свикан од претседателот две години, што, според неа, е во спротивност со законот. Таа смета дека Радев требало да го свика Советот за најмалку четири теми – како што се кризата со ковид, инфлацијата, кризата со цената на енергијата и конфликтите меѓу Русија, Украина и она што се случува во Казахстан. Како што јавува МИА од Софија, според неа, тоа се многу поважни теми од Северна Македонија.
Захариева, како што вели, „не гледа закана за националната безбедност на Бугарија од Република Северна Македонија“, освен, како што наведе, ако само претседателот Радев гледа закана.
Таа рече дека за конфликтот во Казахстан се зборува во целиот свет, а само во Бугарија молчат и претседателот и владата. Захариева додаде дека во Бугарија има бази на НАТО и дека нема ниту еден НАТО сојузник кој сака тензии во близина на нејзините граници.






