сабота, 6 декември 2025

Заедно со ИЗИС ќе се врши проценка на штетите од земјотресот во Битола

Објавено на

часот

Сподели

Од општината информираат дека на денешниот состанок на општинскиот кризен штаб, биле разгледани двете состојби со кои во моментот се соочува Општина Битола – последиците од земјотресот и состојбите со ковид-19 и дека се донесени конкретни мерки за понатамошно постапување во интерес на граѓаните.

Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека уште синоќа излегол на терен низ градот заедно со дел од кризниот штаб и дека била затекната паника меѓу граѓаните.

„Се обративме првично во Службата за итна медицинска помош, како и единицата за противпожарна заштита. За среќа немаше повици за повредени и за материјални штети во првичните моменти. Ќе формираме комисија за проценка на штетите во однос на синоќешниот земјотрес, составена од стручни служби од Општина Битола, потпомогнати од ИЗИС за што стапивме во контакт со директорот Владимир Шешов. Испраќам и апел до граѓаните, сите штети кои ги имаат да ги пријават до општината, на контактите кои дополнително ќе бидат објавени“, рече Коњановски. 

Тој информира дека најбрзо ќе биде утврдена состојбата со штетите во клонот на градинката „Мајски цвет“ (кај „Симпо“), со цел што побрзо да може објектот да се стави во функција.

Претседателката на Советот, Габриела Илиевска изјави дека Општината ќе побара од Владата одржување на итна седница, на која ќе се разгледа состојбата во Битола и дека од Владата ќе се побара да ѝ излезе во пресрет на Битола.

„Колкави се штетите засега не знаеме. Но, во Битола имаме големи институции: болници, градинки, суд, објекти кои се под заштита и сметам дека и таму ќе треба да се предвидат големи финансиски средства, бидејќи нивната реконструкција ќе чини повеќе, бидејќи дел од нив се стари градби. Затоа сметаме дека треба да побараме ваква седница, каде државата ќе излезе во пресрет за нашиот град, бидејќи сметаме дека Битола, мора во најкус можен рок да ги санира штетите кои и се случија минатата ноќ”, изјави Илиевска.

Во однос пак, на здравствената состојба, градоначалникот изјави дека од страна на директорите на здравствените институции е информиран за актуелната состојба, за ескалацијата на бројот на заболени.

„Бројот од над 100 новозаболени неделно, после новогодишните празници, после сите дружења, се зголеми на над 600 неделно. Во однос на хоспитализираните бројот е стабилен, но има многу прегледи во ковид – амбулантата. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат ковид – мерките и да се намалат групирањата во претстојните празнични денови. Тие што не се вакцинирани да побрзаат да се вакцинираат, зошто тоа е единствената превентивна мерка која заштитува. Тоа го потврди и директорката на Клиничката болница, вакцинацијата штити од потешки форми на ковид-19 и хоспитализација”, рече градоначалникот Коњановски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ