Во гостувањето на БНТ, Прванов изјави дека наместо тоа, во ставот на Советот требало да се дефинира прашањето за заедничката историја и јасно да се запише дека заедничката историја со Северна Македонија е од Средновековието до почетокот на 20 век и дека таа вклучува бугарска национална самосвест. И уште, дополнува тој, сега луѓето во Северна Македонија се чувствуваат различно и Бугарија ја почитува таа различност.
Како што изјавува Прванов, тој не ја потценува идејата лансирана од претседателот Румен Радев дека треба да се бранат правата на Бугарите во Македонија, но „во конкретниот случај големата тема за Бугарите е историјата и треба да одлучат за тоа прашање“.
Според него, не е неопходен референдум по прашањето за Република Северна Македонија, бидејќи тоа е работа на дипломатијата, а нема големо значење ни притисокот од надвор за решавање на тоа прашање.
„Јас сакам да им помогнеме на Скопје и Република Северна Македонија, не затоа што нѐ притиска Брисел или некој друг, туку затоа што сме најблиските народи тука, на Балканот. Ако ние не си помогнеме, кој друг ќе ни помогне? Треба да кажеме ‘Доста!‘, да се замислиме и да видиме како ќе излеземе од оваа ситуација“, вели Прванов, според кого важно е да се воспостави пријателски дијалог со Скопје, а посетата на премиерот Кирил Петков е чекор напред.
Дека историјата треба да остане најважното прашање сметаат огромно мнозинство од бугарските граѓани. Во анкетата на Алфа Рисрч што ја објави БНТ, на прашањето „Кои теми треба да влезат во преговорите со Северна Македонија пред да се донесе одлука за симнување на ветото?“, високи 80,1 отсто се определиле за историјата, за образованието и културата се изјасниле 76,6 отсто, а за инфраструктурата 62,3 отсто.

Но, резултатите од анкетата покажуваат дека расте процентот на граѓани во Бугарија кои сметаат дека треба да се каже „да“ за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ и без претходен договор за отворените прашања. Вакво е мислењето на 29,6 отсто од испитаниците, што е зголемување за околу 13 отсто во однос на ноември 2020 година.

Анкетата исто така покажа дека 61,9 отсто од испитаниците веруваат дека новите влади на Бугарија и Македонија треба да ги задржат своите сегашни позиции, но и да ги надградат за да ги деблокираат преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Од испитаниците 12,4 отсто сметаат дека треба да се зачуваат сегашните позиции, а 25,7 отсто се со став дека треба да се изградат целосно нови позиции.






