понеделник, 8 декември 2025

Во петок кон Беса ќе се приклучи Фатмир Лимани со својата политичка структура

Објавено на

часот

Сподели

Првиот огранок што ќе се формира по приклучувањето на структурата на Лимани ќе биде од Битола, најавуваат во неофицијален разговор за МКД.мк од Движењето Беса.

Фатмир Лимани во изјава за МКД.мк денеска вели дека синоќа бил во Битола каде што организира моќна структура, вели своевидна фузија на кадри од ограноците на ДУИ, Беса и Алијанса. 

Го прашавме Лимани што  му значи објавата на Фејсбук која отприлика значи: „Вечерва, дижење за ‘фронт’ во септември, почнува со Битола’?

„Точно тоа, фронт за парламентарни избори во септември, а почнувам со Битола. Таму многу луѓе ме паметат по добро. Меѓу другото, организирав 150 вработувања во РЕК Битола, одбирајќи да се работи за семејства без вработени лица, без оглед дали се Македонци, Албанци или други по националност. По Битола, идната недела ќе се организира огранокот во Кичево, потоа одиме по ред – Струга, Долнени, Ресен, Охрид, Дебар… Петтата изборна единица 5-ка ќе ја работам сам“, вели Лимани, кој еден период беше заменик директор на ЕСМ.

„Овој петок или во сабота, ќе се знае многу повеќе за се, со кого и како“… нѝ рече Лимани.

Инаку, Лимани претходната недела изјави за МКД.мк дека покрај со Беса, разговарал и  со врвот на Алијанса за Албанците со цел создавање на една, моќна опозициска партија. 

Од Алијанса за Албанците се воздржани деновиве и не одговорија на прашањата на МКД.мк за разговорите со Лимани и за тоа какво е во нивните редови расположението за политичко окрупнување.

Лимани денеска за таа тема нѝ рече дека решил да ја „паузира“ Алијанса бидејќи тие се во конгресна фаза кога кај нив се можни внатрепартиски промени.

                                                                          Фотографија од 2021 година

„Мојата сила покажана на кичевските избори со освоените близу 5 илјади гласови не е мала работа, особено кога се знае дека во трката за градоначалничката функција влегов самостојно, со свој штаб на искусни политички борци, но со кусо време за подготовки. Не сакам да ми се префрла вмешување во партиските интереси на Алијанса за Албанците“, вели Лимани.

Тој оценува дека е битно опозицијата на Албанците да ги консолидира редовите, бидејќи „реката“ од младина и натаму тече кон странство во барање на подобар живот. 

„Ако не ги тргнеме од сцената оние кои се корумпирани, попусто ќе влегуваме во ЕУ, зашто тогаш со финансиските проекти што ќе ги користиме, ќе бидат од полза само за старците во Македонија“, оценува Лимани кој до минатата година беше во редовите на ДУИ, а познато е и дека е внук на лидерот Али Ахмети.

Во Беса оценуваат дека приклучувањето на Лимани ќе има добар одглас на политичката сцена бидејќи сметаат дека со него партијата на Биљал Касами зајакне и пошироки позиции низ државата имајќи предвид дека приврзениците на Лимани се главно поранешни искусни „интегративци“ кои водеа долга борба против, како што велат, корумпираниот врв на големата и моќна ДУИ. 

Конечно, во Беса сметаат дека по нивното излегување од владината коалиција се зајакнати партиските структури и дека рејтингот на Беса континуирано е во пораст.

Засега Беса нема поконкретни разговори со Алијанса за Албанците во поглед на опозициското делување, бидејќи предвид го имаат скорешниот Конгрес во таа партијата и можните кадровски промени.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ