Денес, неопходно е вистинско толкување на државотворниот порив и националните херои чии судбини се нераздвојни од идејата за Македонија – во време на повторни обиди за културна и политичка доминација помеѓу народите, без класна и национална солидарност за угнетените општества под империјалистичко влијание, се вели во известувањето на „Рацин“.

Темата и целите на трибината се во склад со идеалите на големиот македонски револуционер – повикување на разум со разумна дискусија, потенцирање на школувани ставови кои нѐ ослободуваат од стегите на незнаењето и артикулирање на македонската кауза како составен дел од класната борба на македонскиот народ и животниот пат на Гоце Делчев.
Во време на будење на сенките од минатото, време е и за возобновување на живототворната енергија и желба за слобода во нов пријателски свет, кои биле клучни за сите историски успеси на нашите минати дејци – да оставиме здрав плод од кој идните генерации ќе бидат оплеменети со мудростите на класната и национална свест која води кон подобар свет, се вели во известувањето на институтот.
Говорници на трибината ќе бидат професорите Димитар Љоровски Вамваковски, Љубомир Цуцуловски, Билјана Ванковска, Јован Донев и Стојко Стојков (ОМО Илинден – Пирин). Трибината ќе се одржи на 4 февруари, петок, во 18,30 часот во кино Фросина во МКЦ.
Настанот ќе се пренесува и со стрим во живо на фејсбук страната на левичарскиот институт „Рацин“.






