
Според најавата од владината прес-служба, Пич, инаку поранешен шеф на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, сега како специјален претставник на премиерот Борис Џонсон, ќе биде примен и од претседателот на Стево Пендаровски.
Во рамките на својата посета на нашата земја, Пич со своите соговорници ќе разговара за „понатамошниот развој на силните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и за силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на Западен Балкан“.
За време на престојот во Скопје, специјалниот претставник тој ќе се сретне и со претставници на опозицијата и на дел од младинските организации во земјата.
Како што информира Британската амбасада во Скопје, Сер Стјуарт Пич има долгогодишно искуство во регионот, како поранешен началник на Генералштабот на Обединетото Кралство и претседател на Воениот комитет на НАТО, како и од периодот кога служел како Командант на воздухопловните сили на КФОР (НАТО) во Косово. За Специјален претставник на премиерот за Западен Балкан беше назначен во декември 2021 година, а ова е негова прва официјална посета на Северна Македонија во оваа улога.
Како Специјален претставник на премиерот, Сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан, и другите претставници од регионот и сојузниците од САД и Европа во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговата работа, исто така, ќе вклучи промовирање на силни демократски институции и отворени општества, преку поддршка во справувањето со сериозниот и организиран криминал и другите заеднички безбедносни предизвици.
„Ова е дел од мисијата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство за создавање на глобална мрежа на слобода заснована на подлабоки економски, технолошки, безбедносни и развојни врски. Како слободољубиви демократии, Обединетото Кралство ќе им помогне на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан да го одбранат и унапредат мирот, стабилноста и просперитетот во регионот“, стои во соопштението.
Од Македонија, како што наведуваат од амбасадата, специјалниот претставник Сер Стјуарт Пич заминува во посета на Бугарија, како дел од континуираната посветеност на Обединетото Кралство на стабилноста и просперитетот во регионот на Западен Балкан.






