сабота, 6 декември 2025

Силјановска Давкова: СДСМ може да се нарече ЗДСМ, а апсолутен победник на изборите не се СДСМ, ниту ДУИ

Објавено на

часот

Сподели

„Легитимитет се добива и се губи на избори. Оваа Влада не може да наследи легитимитет од претходна Влада бидејќи премиерот не заминал заради болест или на друга функција, туку заради оставка по загубени избори. Тоа значи дека гласачите всушност не се сега гласачи на оваа коалиција и легитимитетот е нагризен. Од друга страна, по изборот на Димитар Ковачевски на чело на СДСМ по насоката на Зоран Заев, може да се каже дека тоа е сега ЗДСМ, односно Заев-ДСМ. Ако лакмус се избори, тогаш тој поцрвене на локалните избори, кои ги загуби СДСМ. Освен тоа, полни сте со зборовите за Македонија како нова членка на НАТО. Но, ако Шекеринска е персонификација на зачленувањето во НАТО, неа повеќе ја нема, дали е разрешена или што е причината, но тоа исто го нагризува легитимитетот”, рече Силјановска Давкова.

Таа забележа дека бројот на жени во Владата е намален и изрази зачуденост како членови на кабинет, стануваат министри, мислејќи притоа токму на Министерството за одбрана.

Според неа, ако од Владатга си оди Никола Димитров бидејќи нема датум за ЕУ, со него треба да замине од функцијата министер за надворешни работи Бујар Османи.

До веројатно идниот министер за правда, а во моментов универзитетски професор од Правниот факултет Никола Тупанчевски упати повик да објасни каков ќе му биде ставот во врска со идејата веќе завршени судски процеси да бидат мониторирани од независни и од странски експерти.

Потоа Силјановска Давкова  ѝ реплицираше директно на пратеничката од ДУИ Рина Ајдари која говореше дека апсолутен победник на последните парламентарни избори е ДУИ, а потоа и во делот дека оваа влада, благодарение на министри од ДУИ, работи на правична застапеност на Албанците во јавниот, но и во приватниот сектор и дека на тој план има големи резултати.

„Во либералната економија нема мешање на државата во приватниот сектор, а принципот правична и принципиелна застапеност се однесува на државна и јавна администрација, во спротивно тонете во комунитаристички води и нелиберални води и сметам дека на новиот премиер, ако биде избран, ќе му биде забележано од ЕУ дека не постапува во согласност со Копенхашките критериуми“, рече Силјановска Давкова, нагласувајќи дека тоа го вели затоа што пред себе гледа неколку министри кои се од секторите од каде се говори за правична застапеност и во делот на приватната економија.

Пратеничката Ајдари како контрареплика нагласи дека ДУИ е апсолутен победник на изборите во рамките на албанскиот политички блок, како и на сите претходни изборни циклуси.

Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Ајдари ѝ реплицираше дека ДУИ не се никакви апсолутни победници на изборите.

„Прашајте ги вашите нови партнери во Владата од Алтернатива, што мислат како сте ги добиле изборите“, рече Снопче и изнесе податоци, како на пример во рамки на Министерството за одбрана, каде спред него, Албанците воопшто не се правично застапени.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ