среда, 10 декември 2025

Поповски: Охридскиот договор е темелот на стабилна држава, уставни измени можат да нѐ одведат во непредвидлива бура

Објавено на

часот

Сподели

„Ме радува фактот што опозицијата, или најголемата опозициска партија, е подготвена за отворање на Уставот. Во тој случај имаме ние и други теми кои треба да се вклучат во овие уставни измени, како што е спорот со Бугарија или вклучувањето на бугарската, хрватската, црногорската заедница и укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик. Отворени сме за таа идеја и да ја збогатиме со други дополнителни идеи за да ги заокружиме сите отворени прашања“, рече Груби во саботата, како одговор на новинарско прашање дали за ДУИ е прифатлива идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, доколку се отвора Уставот, да се намали бројот на пратеници во Собранието од 120 на 90.

Дебатата за Уставот повторно е покрената во политичката јавност низ дебати што ќе значи неговото отворање доколку се прифати барањето на официјална Софија за вметнување на бугарскиот народ во преамбулата на македонскиот Устав.

Професорот Владо Поповски, еден од креаторите на Охридскиот договор, вели дека отворањето на Уставот, независно од поводот, не може да ограничи на масата да не бидат ставени и други, нови предлози, а кои пак, можат да создадат дополнителни тензии, конфликти и недоразбирања во државата.

„Од тие причини, ценам дека иако станува збор за многу рационален предлог, со цел да се намалат трошоците и да се зголеми ефикасноста на парламентот, сепак во овие услови, подобро е да останат 120 пратеници во Собранието отколку Уставот да се отвори. Секое отворање на Уставот може да нѝ донесе нерационални предлози кои можат да создадат бура и да се наруши тоа што е сепак стабилизирано досега во Македонија. Законот за употреба на јазиците функционира без поголеми бранувања”, вели Поповски.

Тој потсетува дека албанскиот јазик е паралелен во Собранието на Македонија, како и во други органи на власта и неговата употреба е максимална согласно Уставот и согласно донесениот закон.

„Да се оди понатаму од тоа што е сега регулирано, може да нѐ одведе во тензии, неизвеснот и, пак ќе повторам, во бура од која не знам дали би можеле мирно да излеземе”, нагласува Поповски.

На прашањето дека изјавата на Груби практично значи тенденција евентуално со нови уставни промени да се дојде до целосно официјален албански јазик на исто рамниште со македонскиот, Поповски вели:

„Целосната официјална употреба, ќе значи употреба и во меѓународните односи и во дипломатијата, но тоа не е потребно зашто може да доведе до нови дефиниции на Македонија како држава. Да потсетам, Охридскиот договор е така конципиран што во основните одредби вели дека Македонија мора да остане унитарна,. Тие оневозможуваат создавање на национапно – дуалистичка држава и оневозможуваат федерализирање на државата, било територијално со внатрешна граница, било како функционална федерализација”, вели Поповски.

Професорот објаснува дека мултиетничкиот карактер, според Охридскиот договор, мора да се изрази на секое ниво во јавниот живот – достапност до фондови, до институции, правична и соодветна застапеност, на кој план е доста постигнато.

Но, тој повторно нагласува:

„Одредбите од Охридскиот договор се темелот на опстанокот на Македонија и гарантираат мирен развој на меѓуетничките односи и на соживотот, без да се наруши интересот на граѓаните на која и да е заедница”.

Во контекстот на рамноправност на албанската заедница професорот Поповски потсетува дека на општинско ниво албанскиот јазик е службен исто како и  македонскиот,  ако таму живеат 20 проценти и повеќе Албанци. Потсетува и дека секој што зборува различен јазик од македонскиот може во која било општина, во „централната канцеларија“, односно орган на државата, да се обрати на мајчин јазик и на тој јазик да добие и одговор.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ