сабота, 6 декември 2025

Петков пред посетата на земјава: Ајде да разговараме за придобивките што ќе ги имаат Софија и Скопје

Објавено на

часот

Сподели

„Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес“, вели Петков.

Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата македонска Влада.

„Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји“, наведува МНР.

Во фокусот на разговорите, според Министерството, ќе бидат доследното спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија.

Во меѓувреме, француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин, изјави дека за нејзината земја прашањето за проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија е исклучително важно и како претседавач со ЕУ во првата половина на 2022 година Франција ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје. На овој начин, како што вели таа, ќе може да се реши спорот меѓу двете земји и ќе се потврди европската определба на Париз.

Според амбасадорката Робин, Западен Балкан е дел од Европа и е прашање на безбедност регионот да биде вклучен повеќе во политиките на ЕУ, економскиот развој и размената воопшто. Амбицијата на Франција е „да ја потврди својата европска посветеност кон Западен Балкан, а особено кон Северна Македонија и Албанија“.

Флоренс Робин изјави дека има спор меѓу соседните земји, и изрази уверување дека со добра волја и преку дискусии и промовирање на почитувањето на граѓанските права и почитувањето на малцинствата, тие ќе може да одговорат на овие предизвици. Според неа, навистина е важна стабилноста и одржувањето на добри односи, а „со разбирање и слушање, работите може да се средат“.

Граѓанското здружение за бугарско-македонско пријателство „Под едно небо“, пак, заедно со Институтот за балкански перспективи, Бугарскиот културен клуб – Скопје и Бугарско-македонска стопанска комора вчера, упатија отворено писмо до премиерите на Бугарија и на Република Северна Македонија, во кое ја поздравуваат желбата на двајцата премиери за промени и за искористување на следните месеци за постигнување позитивни резултати.

Тие ги поздравуваат конструктивните потези на новата бугарска влада и лично на премиерот Кирил Петков и се надеваат дека и Димитар Ковачевски и новата влада во Македонија, доколку бидат избрани, ќе направат исти такви коректни и точни потези. Според авторите на писмото, барањата на Петков за проширување на односите меѓу Софија и Скопје со заеднички работни групи во различни области се можност да се потпрат на Договорот за добрососедство, кој, се наведува, треба да биде фундаментален за односите меѓу двете земји. Ова исто така, се додава, ќе и овозможи на Бугарија да ја врати својата корисна улога во пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија, како и да ги поттикне аспирациите на другите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ.

Авторите на писмото кое е поддржано од 185 граѓани, се надеваат дека идниот премиер на Македонија ќе ја поттикне македонската дипломатија и институции да заземат проактивна позиција за носење на неопходните одлуки во македонското општество и добрососедската политика со Бугарија – преку активен дијалог и позитивна размена на идеи за нови односи и политики на промени.

Поранешниот бугарски премиер, и актуелен уставен судија Филип Димитров, за сегашната ситуација меѓу Северна Македонија и Бугарија, вели дека решение постои ако барем едната страна, можеби посилната, дава позитивни сигнали, а ќе се постигне ако двете страни разговараат како рамноправни.

Во врска со историјата, Димитров вели дека таа е многу важна, но нагласува дека разбирањето за неа се избиструва со текот на времето.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ