Според него, нема ништо спорно во неговата средба со претставниците на ОМО „Илинден-Пирин“.
„Ако некому му пречат моите средби со Македонците од каде било во светот, тоа не е мој проблем. Јас дадов и јавно соопштение и коментар на тоа соопштение. Морам да ви кажам дека ме изненади затоа што во тоа соопштение освен констатација немаше аргумент. Дали некому воопшто пречи самата средба затоа што од соопштението кое јас го дадов и изјавите кои ги имавме и јас и луѓето кои беа кај мене на средба, произлегува за што сме зборувале и таму нема ништо спорно. Ниту една точка и запирка од изјавеното од моја и од страна на моите соговорници не оди контра Договорот од 2017 година. Ако некому му пречи самата средба на претседателот на Република Северна Македонија со Македонци од каде било во светот, тоа е друга работа и тоа не е мој проблем. И не би требало да биде наш проблем“, рече Пендаровски, одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Советот за безбедност.
Тој додаде дека на средбата со ОМО „Илинден-Пирин“ дал директен одговор дека тој не може да им наложува на бугарските институции што да прават затоа што тие се државјани на Бугарија. Но, исто така порача дека и обратно – за Бугарите кои живеат во Северна Македонија надлежни се македонските институции, а не бугарските.
„Јас можам да ве лажам за да добијам популистички поени и да градам рејтинг, па да ветувам дека ќе им ги овозможам правата, но тоа би било огромна измама, бидејќи моите надлежности се до тука“, изјави Пендаровски.
Тој додаде дека нема никаква заднина на оваа средба, туку едноставно прифатил да се види со претставници на здружението кои побарале средба. Од друга страна, потсети дека и претседателот на Бугарија, Румен Радев, го правел истото – во повеќе наврати ги примил претставниците на македонските државјани со бугарска самосвест.
„Јас во две и пол години додека сум на функцијата немам одбиено никого, ниту здружение ниту поединец кој сакал да се види со мене. Притоа сум примал и граѓани на Република Северна Македонија – Бугари тука, политички партии, здруженија на граѓани, поединци и не мислам дека има нешто лошо во тоа. Напротив, морам и ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега, претседателот Радев, во повеќе наврати прими граѓани на Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука. Ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби, се надевам дека и тој ќе продолжи со тие активности понатаму бидејќи тоа може да создаде само атмосфера во која ќе се познаваме подобро, ќе си ги знаеме проблемите подобро и само во таква една атмосфера можеме да ги надминеме овој проблем кој година и пол – две ја блокира евроинтеграцијата на нашата земја“, изјави тој.
Пендаровски уште информираше дека на седницата на Советот за безбедност не се разговарало за Бугарија, но, одговарајќи на новинарско прашање, коментираше дека
реториката што се слуша од бугарските членови на Заедничката комисија за историски и образовни прашања ќе ја отежнува нејзината работа и ќе ги обременува вкупните билатерални односи.
„Она што мислам дека ја отежнува и ќе ја отежнува работата на историската комисија и ќе ги обременува вкупните билатерални односи независно што направивме вкупно пет комисии, освен Историската, е реториката која се слуша од време навреме од членови на Историската комисија од Софија, кои на дневна основа се обидуваат уште пред да се сретнат со своите македонски колеги да наметнат како треба да биде решението во работењето на таа Комисија. Мој совет до сите нив е ‘помалку зборување по медиуми, помалку прејудицирање на исходот од работата на таа Комисија, а повеќе конкретни резултати, но само низ рамноправен дијалог со нивните македонски колеги‘“, изјави Пендаровски.
Според него, новиот пристап кој премиерот Петков го промовираше кога дојде во Скопје бил прилично поразличен од досегашниот.
„Во изминатава година и пол акцентот, на инсистирање на Софија се разбира, беше премногу ставен на Комисијата составена од историчари и де факто иако тоа не го пишува во Договорот од 2017, историјата или усогласувањето, како што велат тие, околу т.н. заеднички точки, заеднички места во историјата, беше предуслов за почнување преговори за членство во ЕУ“, рече Пендаровски.
Новиот пристап кој го поздравија и во Скопје и меѓународна заедница и Брисел, појасни Пендаровски, подразбира Историската комисија да биде само една од петте комисии кои ќе работат и врз основа и напредокот во останатите работни групи и комисии освен оваа Историската ќе се проценува тоа дали Македонија до крајот на претседавањето на Франција ги исполнува условите или заслужува да биде држава која ќе ги почне преговорите по 17 години чекање со статусот на кандидат.






