вторник, 9 декември 2025

Опозицијата не доби одговори и обвини дека разговорите со Бугарија се водат во тајност

Објавено на

часот

Сподели

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа на Османи дека не само што нема легитимитет да преговара за вакви национални прашања бидејќи не е избран од народот, туку и да не ги потценува. Според нив, за решавање на прашањето со Бугарија е потребно политичко единство во земјата, што во моментов го нема, а неколкумина настапија и со лични напади врз него.

Османи им забележа за личните напади, призна дека власта можеби имала грешки во транспарентноста, а и им се извини ако звучел надмено во поканата да дојдат во МНР и им вети дека негов отчет пред Комисијата ќе стане редовна пракса.

Милошоски, по излагањето на Османи за текот на разговорите и односите меѓу Скопје и Софија, запраша зошто доколку има добра волја од Бугарија не се потпише договорот меѓу Северна Македонија и Фронтекс.

„Ако има добра волја и ова е за интерес и на Македонија и на Бугарија и на Европската Унија, тогаш зошто новата бугарска влада ако има навистина поинакви гледишта не прифати да го потпише Договорот помеѓу Македонија и Фронтекс“, рече Милошоски.

Тој се осврна и на делот на обраќањето на Османи, во врска со одлуката за почеток на преговори од март 2020 година.

„Но, кога таа одлука беше донесена вие лично на прес конференција пред македонската јавност со Никола Димитров и Оливер Спасовски како тогашен технички премиер кажавте дека одлуката е безусловна, а гледаме дека сега има 5+1, 3+1, 2+1, имаме услови кои што задираат дотаму што одат до Уставот на Република Македонија кој што е темел на политичкиот суверенитет на една држава“, рече Милошоски.

Според него, тенка е линијата помеѓу разговори и преговори, посочувајќи дека приоритет на власта е да опстане на власт и може да влезат да разговараат за идентитетот и јазикот.

„Османи зборуваше да изградиме заеднички позиции, зборуваше за зрелост, за почит и за меѓусебна доверба. Како ние да имаме доверба како пратеници кои ги избрал народот, пратениците ја избрале Владата, а Владата не сака со нас да сподели еден нон-пејпер што во декември бил испратен во Софија. Како да ги изградиме тие позиции кога вие сте го напишале вашето мислење, стручно лице го дополнило тоа мислење, а вие не ни давате ниту право, ниту доверба како пратеници да дадеме сугестија за тој нон-пејпер кој сакаме да биде во согласност со декларацијата која ова собрание ја усвои“, рече Милошоски.

Тој му се обрати на Османи велејќи оти прави преседан бидејќи потврдува дека има документ, дека истиот е неформален, дека е работна верзија, а ја ускратува можноста пратениците во таа работна верзија да го дадат својот придонес.

За недоставувањето документи Османи реплицираше дека „во момент кога ќе имаме која било формулација за која што ќе сметаме дека станува основа за договор, дека е прифатлива од двете страни пред да се каже нашиот став кон Република Бугарија ќе дојдеме тука и ќе доставиме документи“.

„Во моментот се само работни верзии на идеи коишто не можам да ги доставувам како официјални позиции на Владата до Собранието. Но, еве, тоа што можам да направам е кој било пратеник нека дојде во МНР и јас ќе им ги почитам пред нив сите формулации, меѓутоа не можам да доставам документи што се сѐ уште само работни верзии, што се разменуваат. Меѓутоа, еве, отворена е вратата на МНР, можам во кое било време да ве информирам за сите детали“, рече Османи. 

За поканата пратеници да дојдат во Кабинетот на министерот Османи за да им бидат прочитани нацрт-документите, Милошоски реплицираше дека уставниот систем во  Македонија е министри да доаѓаат во Собранието, не пратеници да одат кај министрите.

„Не го потценувам, но никој од нас не се чувствува, не е во таква состојба како Кастриот Реџепи да доаѓа кај вас и да разговара за Европа 21. Тоа е веќе фотосесија. Тоа не е сериозен разговор. Ако сакате кога било нешто да ни претставите повелете во Собранието, ќе организираме затворена седница и ако сакате вие да читате – читајте, ние ќе запишуваме. Но, ако имате доверба треба да ги споделите тие документи затоа што Договорот што го потпишавте ви дадовме пет укажувања. Сите пет укажувања беа добронамерни, не беа вметнати и сите работи коишто не беа вметнати денес произлегуваат како проблеми од тој договор и откако е потпишан договорот тензиите помеѓу Македонија и Бугарија се пораснати за трипати повеќе од она што го имавме како релативно нормални односи во претходниот период“, истакна Милошоски.

Пратеникот Александар Николоски во обраќањето на собраниската Комисија за надворешна политика истакна дека македонската јавност добро знае дека претходните двајца премиери на Македонија и Бугарија имале договор кој бил комплетно еднонасочен и тоа само кон нас во однос на преземање обврски кои што Зоран Заев ги презел и требало да ги реализира во однос на Бугарија и единствена причина поради кои не ги исполнил бил народот кој излегол масовно на улиците на демонстрации во текон на месеците ноември и декември 2020 година.

Тој праша каде е почетокот на пристапните преговори за коj пред Нова година се најавуваше дека може да се случи веќе во јануари.

„Во јануари, јас кажав во една друга прилика дека може да се добие датум за скијање и еве го јануари помина, гледаме Заев е на Шамони со фамилијата, така што Заев доби датум на скијање, ама Македонија не доби датум за преговори“, рече Николоски.

Критики изнесе и професорката Гордана Силјановска Давкова.

„Вашиот легитимитет извира од пратениците, тука треба да информирате, оти така ќе градите консензус. Јас ако од телевизија дознавам за нотата што сте ја испратиле во Бугарија, тогаш имам проблем“, реагираше Силјановска Давкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ