„Милевски си ја третира партијата како гранапче, затоа молчи за криминалот на СДСМ и ДУИ. Дури и членови на ЛДП преку медиумите обвинуваат дека Милевски откако е министер си ја вработил сопругата на Клиника, додека баџанакот го поставил за директор во Државна Лотарија. Милевски има вработено свој братучед во Државната видео лотарија, а кумашинот во Идризово, додека кумашинката си ја вработил во министерството за локална самоуправа. Дали Милевски преку ЛДП ја поддржува мафијашката влада на СДСМ – ДУИ, за да си ги вработува роднините во администрација? Владата на СДСМ и ДУИ опстојува само затоа што Горан Милевски издејствувал министерско место за себе и вработување во државни институции на свои најблиски роднини. Горан Милевски ја држи партијата во заложништво и за свој личен и семеен интерес ја поддржува криминалната коалиција СДСМ – ДУИ заради кои сме на 111 место на листата на Транспаренси, заради кои за партизираност и не ефективна администрација не обвинува и Стејт Департментот. Дали пратениците од ЛДП ќе смогнат сили и ќе му кажат не на Милевски и неговиот непотизам, заради кој владее мафијата на СДСМ и ДУИ?”, се вели до реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Наспротив ваквите обвинувања од ЛДП изјавија дека односите во партијата воопшто не се нарушени и се работи како и до сега и нема недоразбирања.
Обвинувањата за непотизам се невистини и не е точно дека Милевски ја користел функцијата за да вработува роднини.
Во соопштението на ЛДП се вели дека Мицковски прави обид за пуч во нивната партија. „Јасно е како ден дека актуелниот директор на Универзална сала, кој во јавноста ги пласира невистините за претседателот на ЛДП, е во тесна спрега со опозицијата. Затоа, ЛДП, јавно ја повикува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да ги објави финансиските извештаи за работењето на Универзална сала, особено делот за незаконско работење , за кој беше обвинуван актуелниот директор на прес конференциите на ДПМНЕ, за време на изборната кампања. Срамно е што киднапираната ДПМНЕ си дозволи да користи ниски методи за уцена на поединци со цел нанесување на штета на угледот на претседателот на ЛДП и инсталирање за нив „подобен” претседател кој ќе ја реализира агендата за враќање на власт на нереформираното ДПМНЕ. Ниту претседателот Горан Милевски, ниту пратениците, ниту кој било друг член на раководството на ЛДП, не можете да ги заплашувате со вакви лаги кои ги пласирате преку соопштенија, бидејќи своите функции ги обавуваат чесно, во согласност со законите“, се вели во реакцијата на ЛДП.






