среда, 10 декември 2025

Moрачанин: Бараме една изборна единица без праг, отворени листи и родова рамноправност

Објавено на

часот

Сподели

Морачанин истакна дека на средбата со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и со пратениците Антонио Милошоски и Дафина Стојановска не било предмет на разговор укинување на „пржинска влада“, туку се разговарало само за промена на изборниот модел, потенцирајќи дека фокусот треба да биде на Предлог-законот за воведување на една изборна единица, што веќе неколку месеци е во Собранието.

„Имавме заеднички став по тоа прашање дека овој Предлог-закон треба што побрзо да почне да се дискутира на Комисијата за политички систем, да се отвори дебата и секако, задолжително ќе се организира и јавна расправа на која ќе бидат вклучени и експертите и граѓанските здруженија, бидејќи навистина ова прашање за промена на изборниот модел е од голема важност и за граѓаните и генерално, за унапредување на демократијата“, изјави Морачанин.

Таа нагласи дека ДОМ останува на ставот дека е потребно да се разгледува воведувањето на отворени листи.

„Овој закон што е поднесен во април, на кој еден од предлагачите сум и јас, се однесува за отворани листи за локални избори и 50 проценти жени на листите и за парламентарни и за локални избори. Во тој момент кога го поднесувавме законот имаше расположение меѓу предлагачите и тоа беше во периодот пред локалните избори, да се отворат листите за локалните избори. Тоа не се случи, но сметаме дека е тоа многу важно прашање и затоа и понатаму ќе инсистираме на разгледување на овој Предлог-закон, значи не само за една изборна единица без праг, туку и за промена на изборниот модел со отворени листи“, рече Морачанин.

Според неа, иако со поднесениот предлог се предвидува една изборна единица без праг, предлагачите сепак се отворени за дебата по тоа прашање.

„Истиот став го имаат и ВМРО-ДПМНЕ дека потребно е да се разговара за прагот и затоа е добро токму во Собранието по овој Предлог-закон кој веќе е тука да се отвори дебата и сите политички партии да си го кажат ставот и на крај, се разбира, да се донесе најсоодветното решение и ние секогаш сме отворени за дискусија“, истакна Морачанин.

Во однос на предлозите од ВМРО-ДПМНЕ за укинување на т.н. „пржинска влада”, таа потенцираше дека тоа не било предмет на разговор на денешната средба.

„Но, еве, ставот на ДОМ е дека поддржуваме укинување на „пржинска влада”, бидејќи тоа не само што е неуставно, туку е и нефункционално решение, за што бевме сведоци. Но, навистина е добро што овој предлог доаѓа токму од најголемата опозициска партија, што навистина укажува на фактот дека институциите имаат капацитет да спроведат фер и демократски избори во кои сите ќе имаат доверба“, рече лидерката на ДОМ.

Во врска со предлогот за намалување на бројот на пратеници во Собранието, таа истакна дека ДОМ поддржува помал број на пратеници во Собранието со цел да се намалат буџетските трошоци за оваа намена.

„Тоа е уште еден дополнителен аргумент за она што ние го бараме, а тоа е една изборна единица без праг и отворање на листите, со родова рамноправност, бидејќи во таков состав на Собранието, со помал број на пратеници, навистина ќе биде важно тие пратеници да бидат директен одраз на изборот и на волјата на граѓаните, а да не зависат од волјата и ставот на раководствата на политичките партии, така што граѓаните да можат директно да ја изберат и личноста, а не само партијата“, рече на прес-конференцијата Маја Морачанин, од која побара од ВМРО-ДПМНЕ да се заинтересираат повеќе и за Законот за прекршоци за загадувачите на животната средина кој што веќе две години е во Собрание, но не е отворена дискусија за тоа прашање. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ